Светилнику на Православието испроси од Бога мир и братољубие

Црквата денес благодарно се поклонува и го слави свештениот и божествен орган на премудроста, кого благодатта го направи тврдина и похвала на православните, добар пастир, втор богослов и пазител на стадото Христово. Овој славен богопроповедник, откако со подвиг и молитва го очисти својот ум и го просветли со зраците на благодатта, ни го предаде нам таинственото созерцание на несоздадената божествена светлина, која како што некогаш на Тавор ги просветли апостолите, и денес ги просветлува усрдните подвижници во молитвата. Не случајно Црквата му ја посветила втората недела од Постот, а вдахновените црковни поети составиле прекрасни стихови во кои се величаат неговите трудови со кои ги прославил и одбранил од еретичките заблуди божествените догмати. Воспевајќи го, верните го нарекуваат божествена лира на Духот, и светла труба на богословието, ризница на божествените таинства, столб на Црквата и вистински ерарх, и кон него ги упатуваат своите молитви, просејќи од него да ја сочува чистотата на Православието, да го посее семето на благочестието и беспоштедно да ги отсекува трнливите ереси и лажни учења.

Иако насекаде е славен и почитуван, сепак, големиот светилник на Православието има посебно место во срцата на оние кои го возљубиле внатрешниот молитвен живот и целите се предале на Бога. Затоа браќата и сестрите на нашите Обители толку умилно и со свештена почит го празнуваат неговиот спомен. И оваа година празничното славење во чест на умот ѐ, излеа голема благодат врз присутниот верен народ кој го преполни рајчичкиот параклис посветен нему и на неговите сожители во Небесните населби, Светите Атонски подвижници, Нектариј Битолски и Јован Кукузел. Вдахновен од истрајноста и пожртвуваноста на ова големо светило кое донесе големи плодови за Православието, нашиот возљубен Старец ги сподели со нас своите длабоки созерцанија за тоа колку е важно секој од нас да гради пожртвуван дух, доколку сака духовно да го оплоди својот живот и да го облагороди животот на тие околу себе, а со тоа и на целиот народ и на целата земја.

Свети Григорие, моли Го сештедриот наш Бог да ги омекне срцата, да го разбуди братољубието и да ги вразуми нашиот народ за да се избави од ова зло нашата сакана Татковина.