Чист Вторник

Наслада од воздржанието и мене дарувај ми, Слове, како некогаш рајот на Адама: да јадам од секој плод на Твоите заповеди, Боже наш, и секогаш да се воздржувам од плодот на гревот, та со радост да стигнам и до Твоето на крст живоносно страдање.

Покајничкото, радостотворно расположение, поттикнато и хрането од длабоките умилителни созерцанија на великопосните богослужби, продолжува и денес, на вториот ден од блажениот тримир.

Од устатата на црковниот поет течат горки, но и високи по дух, разобличенија:

„Престапот на првосоздадениот Адам подражавајќи го, откажан се познав од Бога, и од Царството вечно и наслада, поради моите гревови.

Тешко мене, душо бедна! Зошто на првата Ева си се уподобила? Оти зло си видела и тешко си се ранила; дрвото си го допрела и од безумната храна слободно си вкусила.

Наместо телесната Ева, ми се јави духовна Ева – страсна помисла во плотта, која ми покажува наслади, и со горчлива напивка секогаш ме напојува.

Адам праведно беше истеран од рајот, оти не ја запази Твојата единствена заповед, Спасителу; а јас колку ќе пострадам, отфрлајќи ги постојано Твоите животворни зборови!“

„Чуј ме, небо, и ќе прозборам! Земјо, слушни го гласот на оној што се кае пред Бога и Го воспева.

Чуј ме, Боже, мој Спасителу, со Твоето око милостиво, и прими го моето топло исповедание“.

„Ти ги исповедам, Спасителу, гревовите што ги направив, и раните на мојата душа и тело, што ми ги нанесоа убиствените и разбојнички помисли.

Иако згрешив, Спасителу, знам дека си Човекољубец и дека милостиво казнуваш, и топло милуваш; оној што солзи рони го гледаш, и како таткото притрчуваш, заблудениот (син) да го примиш“.