Чист Понеделник

По милоста Божја, еве, и оваа година се удостоивме да запловиме по широкото море на четириесетдневното посно патешествие, чија крајна цел е божествената радост од Воскресението Спасителово, и нашето духовно соединување со Бога.

Светите и богомудри отци Црквата Христова советуваат оваа прва недела како почеток на Великиот пост да се поминува во особена тишина, надворешна и внатрешна, и во засилен духовен труд и молитва, за да би ги уништожиле во себе световните навики и да би се предале сосема на духовно размислување. И навистина, почетокот е особено важен во секоја работа. Затоа некои од отците практикувале во првата недела од постот да заминат во пустина за уште поусрдно да се молат и да тихуваат. Впрочем, како бесценет плод од таа нивна духовна дејност ние денес ги имаме прекрасните великопосни богослуженија.

„Еден од тие големи патници“ – пишува рускиот православен писател и историчар на Црквата од 19 век Андреј Николаевич Муравјов – „земјак и речиси современик на свети Јован Дамаскин, свети Андреј, кој со славата на своите добри дела најнапред сјаеше во пустината Палестинска, а потоа како бранител на верата на Шестиот вселенски собор во Цариград, и најпосле на владичкиот критски трон, го состави во самотија, во својата пештера, прекрасниот Покаен канон, кој Црквата со љубов го примила. Таа утврдила овој канон да се чита како верен израз на чувствата на секој Христијанин, скрушен по дух, два пати во текот на постот: не великото повечерие од првите четири дена, поделен на делови, и целосно – на утрената во четвртокот од петтата недела; кон него е додаден и малиот канон на Марија Египетска, која е совршен образец за тоа како со Божјата благодат може грешникот да се покае.

Од сите канони со кои нашата Црква е толку богата, најголем и најзначаен е овој велик канон на свети Андреј Критски, зашто тој, со духовни, сосема возвишени созерцанија, ги опфаќа двата завета и во особена светлина ги покажува позначајните личности од свештената историја, извлекувајќи поука дури и од нивните падови и растворајќи го нивниот плач со сопствени солзи. Секоја песна започнува со молитвен зов, а потоа, како на некое духовно зрелиште, настапуваат пред нас Праотците, Патријарсите, Судиите, Царевите и старозаветните Пророци, сврзани меѓу себе со длабоки созерцанија; најпосле, како да изнемоштува од бремето на овие, пустинскиот писател се обраќа повторно на молитва, и во изреченијата на Евангелските раскази бара достоен израз на својата душа кон Бога. – А целата деветта песна, како венец на канонот, е посветена исклучително на спомнувањето на делата на Спасителот…“

„Од каде да почнам да ги оплакувам делата на мојот беден живот? И што да ставам за почеток на моето сегашно ридање, Христе? Но, како Милосрден, дај ми прошка на гревовите“.

„Оди, бедна душо, со телото твое, на Творецот на сите исповедај се, и од поранешното безумство натаму ослободи се; и, во покајание, на Бога солзи принеси Му“.

Така го започнува својот плач Андреј Критски, а певците, од име на народот, на секој стих жаловно одговараат: „помилуј ме, Боже, помилуј ме!“

По неговите молитви и по молитвите на преподобната Марија Египетска, милостивиот Христос и нас да нѐ помилува!