„Секој земнороден да заигра духовно, засветлувајќи; нека торжествува, пак, на нетварните умови природата, почитувајќи го свештеното торжество на Богомајката и да возвикува: Радувај се, себлажена, Богородице чиста, приснодево“.
Ирмос на деветтата песна
Не постои човек роден на Земјава, кој не ја почувствувал помошта и љубовта на Пресветата Мајка Божја. Секој има да кажува што Таа сѐ направила за него во неговиот живот. Со такви благодарствени спомени од добротворството на Царицата на Ангелите си заминува секоја човечка душа одовде, а таму, пак, зад завесата на материјалното, таа непосрамлива надеж на секој Христијанин, таа непобедлива Поборница за сечие спасение, таа Мајка со прегратка поширока од Небесата, со љубов и сострадание ја прегрнува секоја душа која ѝ се доверила. Каква пофалба и благодарност би ѝ воздале на Пречистата, чии добрини се недогледливи и неизброиви?! Сепак, човечката душа во еден час ќе рече: Нам ни доликува да молчиме, но од љубов победени извикуваме: Радувај се!
Молебниот и благодарствен канон на Пресвета Богородица и акатисните радосни величанија, пофалби и поздрави беа испеани и прочитани на бдението посветено во нејзина чест, кое се заокружи со Света и Божествена Литургија со која тајноводеше нашиот возљубен старец, Епископ г. Партениј. Радосниот, умилителен, синовски, молитвен и слаткозвучен глас на Старецот Владика ја исполнуваше црквата и душите на присутните, правејќи во нас духовен амбиент на вистинска љубов и молитва кон Пресветата.
Марија Дева, Богородица: тивкост, смирение, молчание, но и една огромна прегратка на љубов и сострадание. Преку нејзината љубов крајна ние грубите и нечувствителни наоѓаме сили за промена, молејќи ја: „Пресвета, закрепни ја верата и зголеми ја љубовта“. А таа со мајчиниска смелост се застапува и вели: „Господи, смилувај се на нив. Знам дека Ти згрешија, знам дека Те огорчија Тебе, Господи, знам дека заслужуваат праведно наказание, но Ти простри ја врз нив Својата неискажлива милост, спомни си за немоќта човечка, спомни си за слабоста на нивната природа поради која грешат и за злобата на ѓаволот што сака да ги погуби“.
Благословот нејзин нека нѐ чува сите нас!