Петок. Крајот на првата седмица. И откако вечерва сонцето ќе зајде зад Бистра, ние ќе можеме да кажеме: поминавме. Со Божја помош, со молитви, со напрегната борба и трпение. Првата седмица на Великиот пост, најстрогата и најтешката, е зад нас. Но не зад нас како минато, туку во нас, како темел врз кој ќе се гради сè што следува.
Химнографијата на Чистиот петок е исполнета со Крстот. Од почетокот до крајот, секој тропар, секој ирмос, секоја стихира, сè е обележано со сенката и светлината на Голгота. „Со Својот божествен Крст ги умртви страстите на моето тело,“ пее седалниот на утрената. „Со Своето страдање им даде на сите луѓе слобода од страстите! Удостој ме и мене, Господи, да го видам Твоето свето Воскресение.“ И тука е целата тајна на петокот: тој е ден на Крстот, но Крстот секогаш гледа кон Воскресението. Нема Голгота без празен гроб. Нема петок без недела.
А овој петок носи и свој посебен дар: втората преждеосвештена Литургија во оваа прва седмица, второто причестување по тридневното, сега веќе петдневно постење на браќата и на верните. И повторно, храмот се исполни со души жедни за Чашата на Животот, потврдувајќи дека подвигот на оваа седмица не беше напразен.
Но химнографијата на овој ден не дозволува самозадоволност. Таа нè буди, буквално. „Паднав во тежок сон на гревот поради невнимание,“ пее канонот. „Но, Христе мој, Кој заради мене заспа на Крстот, разбуди ме, за да не ме стигне ноќта на смртта.“ Каква слика: Христос „заспа“ на Крстот – значи умре, за да нè разбуди нас од сонот на гревот. Неговата смрт е нашето будење. Неговото заспивање е нашата зора. И затоа катавасијата на петтата песна возгласува: „Ноќта е напредна, денот се приближи! Твојата светлина му засвети на светот!“ Ова не е само тропар; ова е исповед на целата прва великопосна седмица: ноќта на страстите е напредна, денот на благодатта се приближи.
И среде сета оваа крстоносна строгост, канонот открива една слика од неискажлива убавина: „Крунисан со трње, Христе, и облечен во багреница, Ти засветли со слава, надминувајќи ги по убавина сите синови човечки.“ Тоа е тајната на Крстот: иако најпонижен, Христос е најубав. Иако обесчестен, Он блеска од красота. И ние, доколку ја примиме логиката на Крстот – дека силата се совршува во немоќ, дека славата е во смирението – тогаш и нашиот скромен пост, нашиот мал подвиг, станува убав и благопријатен пред Бога.
А стихирите на утрената нè повикуваат на нешто многу конкретно, многу телесно и воедно многу длабоко: „Да го примиме прогласот на Постот со радост! Зашто кога нашиот прататко Адам би го почитувал постот, ние не би биле лишени од Рајот. Плодот што нè уби беше убав за гледање и добар за јадење, затоа да не се лажеме со очите, зашто јадењето, штом ќе се изеде, е безвредно.“ Колку е трезвена оваа мисла! Сè што нè искушува е „убаво за гледање“, но штом ќе го проголтаме, станува ништо. Единствената храна што останува вечна е Спасителот Христос. Единствениот плод што не поминува е плодот на покајанието.
И затоа истата стихира завршува пасхално: „Да се обележиме со крвта на Оној Кој заради нас доброволно беше одведен на смрт, за уништувачот да не нè допре. И така ќе вкусиме од светата Пасха Христова, за спасение на душите наши.“ Крвта на Агнецот – како некогаш во Египет на прагот, така сега во нашите усни со светата Причест – нè чува од ангелот на смртта. И целиот пост е подготовка за тоа вкусување, за таа Пасха.
Вечерната на овој петок е посветена и на свети Теодор Тирон – светиот воин кој, и по смртта, се погрижи за верните. Имено, кога отпадникот Јулијан сакал да ги оскверни со испоганета храна, свети Теодор му се јавил на архиепископот и го предупредил, спасувајќи го народот од нечистотијата. „Ѓаволот го употреби отпадникот како сад на злото,“ пее стихирата, „исполнувајќи го со нечисти помисли за осквернување на храната на народ што постеше. Но ти ја надмудри неговата лукавост: му се јави на архиепископот во сон и му го откри злиот заговор.“ Затоа Црквата секоја година, во овој петок, го слави свети Теодор и го благословува коливото – варената пченица, како знак дека Бог секогаш се грижи за Својот народ, дури и кога непријателот мисли дека победил.
И така, првата седмица завршува. Не со фанфари, не со световни задоволства, туку со тивка благодарност и радост во срцето. Го поминавме патот. Крстот нè носеше. Ноќта е напредна, а денот, денот на Воскресението, е сè поблиску. Утре Црквата ќе го прослави чудото на коливото и ќе нè поведе кон првиот неделен ден на Светата Четириесетница – Неделата на Православието. А ние, обележани со крвта на Агнецот, продолжуваме да чекориме кон Пасхата, со скрушено срце и со очи полни светлина.






























