Апостолската проповед, од Бога напојувана со благодат и сила, ги разгорела човечките срца со вечниот пламен на љубовта Божја, кој неизгасливо гори и просветлува низ целата историја, па сè до денес. Таа насуштна Божествена светлина и сила, тој духовен оган ги подготвува слугите Божји за вложување натчовечки напори во проповедањето на радосната вест за Воскресението Христово, за спасението на луѓето и за вечниот живот.
Денес кога ги славиме првоврховните Свети Апостоли Петар и Павле, Бигорската Свештена Обител си спомнува и за еден особено голем и значаен ден од нејзината богата хроника, а тоа е исполнувањето на Божјата промисла за духовно тајноводство, преку изборот и хиротонијата на нејзиниот Игумен, нашиот Старец г. Партениј во третиот степен на свештената јерархија, светиот апостолски епископски чин, со титулата Антаниски. Овој серадосен настан се случи токму на денешен ден во јубилејното 2020 летото Господово, кога Бигорскиот Манастир ја славеше илјадагодишнината од своето основање. Хиротонијата на нашиот Старец во Епископ беше круна на јубилејното славје кое ќе остане запишано со златни букви во историјата на нашиот Манастир, на нашата Црква и Татковина.
Мноштво духовни чеда и поклоници на Манастирот притекнаа денес за со братството и сестринството на бигорскиот Старец, Епископот г. Партениј, да го прослават споменот на Светите Апостоли Петар и Павле и трилетието од хиротонијата на својот духовен татко. На Светата и Божествена архиерејска Литургија нашиот Старец г. Партениј искажа пригодна боговдахновена беседа, која целосно ги трогна и по Бога ги растрепери срцата на присутните.