Ден на радост и торжество, Рождество велико и чудесно! Денес Претечата се раѓа – гласот на Словото, гласот кој од пустината повикува: покајте се! Ете, настапува новата епоха, години во кои Бог ќе склучи Нов Завет со човекот – Завет на помирение и љубов, на мир и единство со Бога. Доаѓа Мајката Марија со Богомладенецот Христос во утробата, при мајката Елисавета со Богопророкот исто. Предвествува пролет духовна, игра во утробата на мајка си. Каква чудесна средба, какво излевање од Светиот Дух – небесно просвештение, вистинска теологија! Праведниот Јосиф во молитва, Првосвештеникот Захариј во немост, со нетрпение ги очекуваат двата родендени.
И ете, денес светлина невечерна блеска! Крстителот се раѓа и немоста на таткото се разрешува! Пророкот се појавува и Словото се проповеда! Претечата од престарената утроба излегува и плодовите на покајанието изникнуваат! Бигорскиот храм, пак, облечен е во свечено роденденско руво, псалтите се распеани со молитвени и пофални химни, сите се собрани заедно во чест на Раѓањето на најголемиот меѓу родените од жена. Светло ликува небесната и земната Црква, радувајќи се на заедничарењето во љубовта Христова.
А оваа година, Претечата Господов сештедро ја посипа својата Обител со неискажливи благослови. Тој, кој е началник на монашкото жителство и тајноводец во тоа големо таинство на љубовта меѓу Бог и човекот, ја вознагради Бигорската Обител со нови пет монашки рожби, засадени во дворовите негови, а израснати при родителската саможртвена љубов и грижа на нашиот духовен татко, учител и старец, Епископот Антаниски г. Партениј. „Побрзај да ми ги отвориш Татковските прегратки…“ – прозвучи во храмот неговиот умилителен глас, додека ги приведуваше своите чеда кон олтарот на себеодрекувањето и сецелото принесување во служба на Бога. За прв пат во поновата историја на Бигорскиот Светилник, пет богољубиви души одеднаш се облекоа во светата ангелска схима, станувајќи монаси на Господа Исуса Христа. Нивното монашко потстрижение, согласно востановената традиција, се изврши преку рацете на нашиот почитуван и монахољубив Пименарх, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Од овој свет доброволно се одрекоа и за „новото небо и новата земја“ се родија отците и браќата наши монаси: Јоаникиј, Јоаким, Филип, Ангелариј и Григориј. Во оваа богоблагословена прилика, кога нашите срца беа повеќе на Небото отколку на Земјата, нашиот Митрополит го произнесе своето пастирско наставление за новопострижаните монаси:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Сите ние како христијани сме повикани да бидеме послушници Божји. Самиот Син Божји за Себе вели: ‘Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати’ (Јн. 6, 38). Тој со потполно смирение ја извршувал волјата на небесниот Отец, благовестејќи го спасението и принесувајќи жртва на Божјата љубов за луѓето. Исус Христос ја исполнува волјата Божја во сите прилики, незгоди, искушенија, мачења и страдања. Колку е за восхит примерот на Божјото послушание кога Исус во Гетсиманската градина, гледајќи ја чашата на страдањето што треба да ја испие, молејќи се, вели: ‘Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но, не како Јас што сакам, туку како Ти’ (Мт. 26, 39). Исус Христос во молитвата Оче наш, во најсилната прозба на човекот кон Бога вели: ‘да биде волјата Твоја’ (Мт. 6, 9).
Така се молеле сите Христови ученици и сите праведни и свети. Во што се состоел подвигот на угодниците Божји од сите времиња? Во тоа што над сѐ друго ја поставувале волјата Божја. Нивниот ум бил потчинет на волјата Божја и целото нивно ангажирање било насочено кон созерцание, како во личниот, така и во општествениот живот. Послушниците Божји го потчинувале своето срце на волјата Божја, за да бидат сите нивни копнежи и желби оддадени на неа. Божјите угодници биле богопослушници, зашто сите свои желби и стремежи ги насочувале според Божјата волја. Тие не знаеле за ништо поскапоцено од Божјата волја и немале никаков друг пат во својот живот освен патот осветлен од Божјиот закон. Па, дури и повеќе од тоа! Дури ни работите од секојдневниот живот не ги вршеле без да ги потчинат на волјата Божја.
Како христијани сите сме повикани да бидеме послушници на волјата Божја. Но, да не заборавиме дека на оваа должност се повикани особено монасите, кои го зеле својот крст и тргнале по Христа. Кој може да врви по Христа, ако не го зел крстот на богопослушноста? Каква полза за човекот ако не го знае Божјиот закон, а ја исполнува својата волја? Нели свети апостол Павле ни вели: ‘пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот’ (Рим. 2, 13).
Сите ние треба да го потчинуваме својот ум на Божјиот закон. Умот да ни се воздигнува нагоре кон Бога и да се просветлуваме од Неговата светлина и во сѐ да го бараме Божјиот закон. На него да го потчинуваме целиот наш животен пат. Кога во човечкото срце Божјиот закон на доброто не е делотворен, многу други лоши сили проникнуваат во него и се раѓаат темни желби и стремежи кои не го издигнуваат човекот нагоре, туку го приврзуваат за гревот. Така, го прават немоќен за живот во доброто.
Можеби некој ќе забележи дека тоа е многу тешко да се постигне. Но, тука не станува збор за тоа дали е тешко, туку дали е полезно и неопходно за нашиот живот да бидеме богопослушни. Богопослушниците се синови Божји и како такви се синови на светлината. Таму каде што човечкото срце и човечкиот ум ја пренесуваат светлината, таму безусловно се извршува нешто полезно за сите луѓе. Затоа синовите Божји се полезни секогаш во животот. Тие се сол на земјата и светлина на светот (Мт. 5, 13-14).
Синовите Божји ја објавуваат Божјата љубов со збор и со дело. Следејќи ја таа волја во сопствениот живот неа ја благовестат за да се прошири сѐ повеќе во срцата и да ги опфати и обедини во покорувањето на Божјиот закон, како закон на доброто, љубовта, мирот, благочестието и почитта помеѓу луѓето. Сам Господ Исус Христос миротворцвите ги нарекува синови Божји (Мт. 5, 9). Тие се послушници кои ја извршуваат волјата Божја.
Сите овие зборови се однесуваат на нас христијаните, но најмногу на новозамонашените. Честитајќи им го ангелскиот чин, им напомнуваме да се потсетуваат на тоа дека ние сите сме повикани да ја исполнуваме Божјата, а не својата волја. Нека го носат монашкиот образ за прослава на Триединиот Бог, за афирмација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за углед и достоинство на оваа света обител и за спасение на нивните души. Амин!
Голема радост претставува раѓањето на еден човек. Уште еден акт на Божествената љубов. Се раѓа нов живот, нова радост, неповторлива, боголика, слободна и самовласна личност. Новородената личност го започнува својот животен пат, ги поставува основите на животниот тек, влегува во заедница на многу личности. Какво искуство! Какво доживување! Така и монашкото духовно раѓање е еден несфатлив дар од Предвечната Троица, љубовно посиновение, неповторливо искуство.
Во продолжение на оваа Троична благодат на Божественото посиновение, следуваше Таинството над сите таинства – Светата Литургија, во која сè содржи севкупното наше суштествување. А денешната Евхаристија, со која чиноначалствуваше нашиот сакан Митрополит г. Тимотеј, беше едно блажено доживување од единството во Чашата Господова. На нашиот свет Владика му сослужуваа богољубивите Епископи, светиот Аморејски г. Никифор и светиот Антаниски г. Партениј, како и Високопреподобните Архимандрити г. Матеј и г. Амвросиј од православната Црква на Грција, г. Никанор од православната Црква на Бугарија, г. Доситеј од нашата Обител, како и повеќе свештенослужители од соседните сестрински цркви.
Блесокот на славата на Светиот Претеча особено заблеска врз новозамонашениот собрат наш о. Григориј, кој на овој свештен ден на торжеството на Претечата, беше удостоен да го понесе новото јероѓаконско послушание, за слава и достоинство на Бигорската Обител и на Црквата Христова.
А нашиот Митрополит г. Тимотеј, не изостави ни овој пат духовно да го надгради нашто свештено собрание со поучително слово:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Ние денеска го прославуваме раѓањето на свети Пророк Претеча и Крстиел Јован. Тој е оној што го приготвил патот на Господа и кој бил огнен проповедник на покајанието. Тој е светител за кого Самиот Господ Христос рекол: ‘Меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител’ (Лк. 7, 28). За свети Јован е речено дека тој е проповедник на покајанието. Неговата главна мисија била мисија на покајание. Тој ги повикува луѓето на покајание. Што е тоа покајание? Покајанието е будење на совеста. Секој од нас знае дека совеста е внатрешниот глас кој нè обвинува за нашите престапи. Тоа е чувството на кривица. Ако формално и механички човекот пристапува кон исповед, како што неретко се случува во светата Црква, доколку не се кае вистински и не е разобличен од совеста, тогаш тоа што го прави е бесцелно. Да видиме што вели свети Јован Крстител и на што нѐ повикува. Тој е човек од Стариот завет. Луѓето се стремеле да ги исполнат законите од Стариот завет примени одозгора и преку нив да се спасат. Свети Јован ги повикува луѓето кон покајание затоа што тие отстапиле од Законот и тоа во најважното – во духовното и моралното што го носел тој Закон. За свети Јован Претеча и за оние што ги крстил на реката Јордан било многу важно да се воспостави врска со покајанието и на видлив начин, што се изразувало преку миењето во реката Јордан за прошка на гревовите. Законот, како правило за животот, дефинитивно бил нарушен од луѓето. Јован барал преку покајаните да се врати Законот во животот на луѓето. Навистина, Законот играл огромна улога во религиозниот живот на древните Јудејци, зашто давал јасни норми. Отстапувањето од нив значело нарушување на Божјата волја, а покајанието значело повторно воспоставување на врската со Бога. Јавното покајание било сведоштво за вистинското покајание внатре во човекот.
Но, ние знаеме дека во тоа време живееле и многубошци. Што се случувало со нив? Тие не го познавале Законот. Тие го немале Стариот завет и не го читале Светото Писмо. Но, ние денеска, во денешниот Апостол ги слушнавме зборовите на светиот Павле кој вели: ‘Зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат’ (Рим 2, 14-15). Овие зборови во тоа време биле револуционерни. Јазичниците сами по себе имаат закон. Без сомневање овие зборови звучеле како богохулство и нарушување на Мојсеевиот закон. И тој закон барал покајание какво што барал и Претечата. Како што вели апостолот Павле, незнабошците по својата природа прават добро и затоа се закон на самите себе. Што означува тоа дека по природа прават добро? Тоа значи дека природата на човекот е создадена од Бога и Законот што Бог го дал преку Мојсеја и Законот што го дал преку Христа, во себе имаат внатрешна онтолошка врска. Ова кажува дека моралните содржини на Законот, и на стариот и на новиот, се исто со моралната природа на човекот. На Бога му било угодно токму таков да го создаде човекот – во неговата природа е втиснато моралното начело кое во суштина соодветствува на Божјиот закон, како на старозаветниот така и на новозаветниот.
Навистина, тој морален закон постои кај секој човек. Сепак е потребен Божјиот закон кој јасно покажува како треба да се постапува. Затоа, свети Јован ги повикувал сите кон покајание за измирување на нивниот живот. Тој повик и денес се упатува кон нас. Потребно е сите ние искрено да се покаеме за нашите гревови, да побараме простување од Христа и да го исправиме нашиот живот. По молитвите на свети Јован Крстител и Претеча Господов, така нека биде! Амин!
Како да не те ублажуваме и славиме, Крстителу Христов Јоване, ти за нас си најосвежителниот извор на жива вода во пустината на животот привремен. Пустински најмиризлив цвет и птица ангелска која го надлетува и пази своето свето и славно Бигорско светилиште. Ти ни носиш благодат и милости од бездната на Божјата добрина и секогаш нѐ издигнуваш нас понижениете на висока карпа за одишка, како што си ја подигнал Свештената ти Обител на високата карпа Бигорска. Не умееме да ти заблагодариме за недоброивите добродетелства и неиспитливите дејствија врз сите нас. Ти највнимателно помеѓу сите си го избрал и поставил за светлина на сите нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, да ни го осветлува патот кон Бога, да нѐ води и воспитува во монашкиот етос и да ја исполнува Бигорската земја со небо и ангели, со радост и славословие. Благослови нѐ и умудри нѐ постојано да носиме плодови на покајание и да се покажеме достојни за повикот со кој не повика и нѐ собра во чесниот твој дом. Ти ги предаваме срцата и душите, нашите слабости и гревови, нашата немоќ и слабост, ти пак направи нѐ небесни граѓани, воинство Христово, возљубено и пожртвувано братството околу својот добар и сакан Старец, обединувајќи нѐ во Троичната љубов и смирение.