Нема човечки јазик кој може да ја изрази благодарноста што човечката душа ја чувствува кон Мајката Божја. Таа е Родителка на Светлоста, преку Која Сонцето на Правдата слезе на Земјата и засветли; Мајка на Источникот на Животот, зашто од нејзиниот кладенец жедното човештво се напои; Врата на Спасението, зашто низ нејзината утроба Спасителот на сите помина и во светот влезе. Непоклатниот столб на крстовоскресната вера, благоуханиот мирис на љубовта, темелот на надежта, допирот со вечноста, кандилото запалено што низ секој подвиг човекот го води. Не, нема поблескав пример од нејзиниот, за сите што сакаат да Му угодат на Бога. Оти, никој од родените на земјата не го сторил тоа повеќе од Неа, никој не Му го посветил својот живот на Бога до мерата до којашто го посветила Таа. Пренепорочната Мајка е најчистиот и највозвишен образец на човештвото, зашто и во мигот на својата најголема слава, кога била избрана да постане Мајка Божја, и во часот на најнеподносливата болка и најголемата жалост, кога во подножјето на страшната глетка на Крстот „меч ја прободел нејзината душа“, Таа непоколебливо ја изразила својата верност кон Бога. Затоа, Таа стана сигурна поткрепа за сите што со вера се воздржуваат и смирено го носат својот крст, чекорејќи кон Христа.
Со вакви чувства и мисли беа исполнети сите присутни на третиот великопосен Акатист кон Пресвета Богородица, чијашто средишна прослава се случи во манастирот Пречиста, Кичево. Токму таму, во Обителта на Мајката на родот човечки и заштитничката на монасите, акатистната пофалба беше принесена од умилителната душа и од благото срце на возљубениот Митрополит на Имврос и Тенедос, г. Кирил. Тој пристигна во Светата Обител заедно со почитуваниот Митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, од Православната Црква на Грција, кој, всушност, за прв пат ја посети нашата монашка заедница. Следствено, на почесните гости најнапред им беше приреден традиционалниот и свечен манастирски пречек, за време на кој следеа братољубивите обраќања, најпрво од нашиот Старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј:
„Ваше Високопреосвештенство, свет Митрополите на Имврос и Тенедос, г. Кириле,
Ваше Високопреосвештенство, свет Митрополите на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскине,
Во овие часови, исполнети со радосно очекување и духовно предвкусување на благодатта којашто претстои да нè посети, со најдлабока почит и радосно срце, во името на оваа возобновена Свештена Обител на Пречистата Владичица наша Богородица и на сестрите кои служат и се подвизуваат под нејзината Мајчинска закрила, Ви посакуваме топло и срдечно добредојде. Ви пожелуваме добар престој во овие осветени од монашки подвиг простори, во ова древно Светилиште, втемелено од првите ктитори, благоверните ромејски цареви Андроник и Михаил, коешто сведочи за непрекинатата присутност и благодат на Пресветата меѓу нас.
Вашето доаѓањe тука во овој благословен момент, во предвечерјето на празникот Благовештение, е израз на онаа таинствена средба меѓу Бога и човекот и меѓу човек и човек, којашто еднаш засекогаш ни ја овозможи Дева Марија со своето судбоносно: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои! (Лука 1,38) Вашата посета овде не само што нѐ исполнува со неизмерна благодарност и чест, туку додава уште една богата страница во хрониката на оваа Света Обител и на нашата Црква.
Во Вашето присуство гледаме уште една иконичност – на вистинската црковна заедница, онаа којашто тече од самото срце на Црквата и која секогаш е испреплетена со врските на љубовта и со меѓите на мирот. Оваа заедница, воспоставена во Христа и преку Христа, нè потсетува дека нашите конечен призив и цел е соучеството во животот на Светата Троица.
Дозволете ми, Свети Архиереи, до го искористам ова поздравно обраќање по повод првото доаѓање на Високопреосвештениот Митрополит г. Дамаскин кај нас, за да ја изразам својата длабока благодарност и почит за вашите напори, посветеност и поддршка во процесот на канонско признавање на возобновената Охридската Архиепископија, кое го обзнани одлуката, полна со љубов и грижа, на Неговата Сесветост, Патријархот на Православните г. г. Вартоломеј.
Во ова ваше грижливо снисходење, ние гледаме дејство на Божествената благодат, којашто води кон исцеление и обновување на целокупното тело на Црквата. Вашите улога и придонес, нам добро познати, во таа историска одлука, се сведоштво за јасна црковна визија и за пастирската грижа кон Божјиот народ. Нашата благодарност за ова свето историско дело, преку вас ја спростираме и кон сите други, знајни и незнајни, црковномислени луѓе Божји, коишто избраа пожртвувано да се вложат себеси за благобитието на Црквата и за духовното здравје на Христоименитиот народ кај нас.
Благодарноста, како основна добродетел во нашиот христијански живот, нè потсетува дека секој дар, секоја благодат што ја примаме, е плод на Божјите љубов и милосрдие кон нас, и затоа Евхаристијата е крајниот израз на нашите вера и духовност и е клуч кон благословите што доаѓаат одозгора, од Отецот на Светлините. Ценејќи ги и оддавајќи им признателност на нашите добротвори, ние се приближуваме кон центарот на Божествената љубов и мудрост.
Во овој дух, Вашето присуство меѓу нас е прилика да ја повториме за пореден, но никогаш за последен пат, и нашата свештена благодарност кон Дародавецот Господ, како и кон великиот Татко на Црквата Божја во нашето време, Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим – Константинопол и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, исцелителот на нашата лута повеќедецениска рана, кој е верно олицетворение на пастирската и татковска љубов на Великиот Архиереј, Господ наш Исус Христос.
Би сакал да ве уверам, Свети Архиереи, дека вашето присуство меѓу нас не е причина само за нашата лична радост, ами и за радоста на целата црковна заедница при нас, затоа што верните овде ве доживуваат како освежување на своја вера, како благодатна сила за духовен полет, но го гледаат овој свештен призор и како смисла на единството и соборноста, како заедничарење во едноста на срцето и на духот – нешто од коешто ние и нашите предци, поради непастирски и нељубовни причини, долго време бевме лишувани. Вие ги носите со себе благословите и светлината од молитвите на Првопрестолната Вселенска Патријаршија и од братската Православна Црква на Грција, за верниот народ на најсветата за нас Охридска Архиепископија и ние ликуваме за оваа можност, како и за секое друго заедничарење со различните едноверни, со јазикот на псалмотворецот: Колку е мило и колку е убаво кога браќата живеат заедно! (Пс. 132,1)
Со најдлабоки чувства на почит и благодарност, уште еднаш ви посакуваме добредојде во нашите манастири и во нашите срца. Нека вашиот престој овде биде исполнет со мир, радост и со духовна оддишка.
И како што се собравме заедно во овој молитвен Дом на Царицата Мајка, за да го прославиме нејзиното Благовештение, нека нашите заеднички молитви бидат светли примери на заедништвото во Христа, да бидат извор на надеж и обнова за уморениот од гревот свет, да бидат показен знак на силата на Православните, која се состои во оној литургиски Светотроичен восклик: ’Да се сакаме еден со друг, та во единомислие да исповедаме‘.
На многу години!“
На ова обраќање од нашиот Старец, со особена љубов и срдечност одговори Високопреосветениот Митрополит на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин:
„Преосветен и највозљубен Старче, свет Епископе Антаниски г. Партениј,
Со особена трогнатост, но и со радост, ликување и веселие, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил од Великата Христова Црква во Константинопол, Вселенската Патријаршија, и мојата маленкост од Црквата на Грција, ја посетуваме вашата татковина, вашите манастири и се радуваме затоа што го имаме овој особен благослов да сослужуваме и да се молиме заедно со вас, по онаа историска одлука на нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј од 9 мај 2022 година.
Морам да исповедам дека долго време имав силна желба да го сретнам драгиот брат Епископот Партениј, да го прегрнам и да сослужувам со него. Тој беше еден од првите браќа кои на една случајна средба ни ги објасни копнежот и тешкотиите на целиот тој потфат за востановување на евхаристиското општење на помесната Црква со Вселенската Патријаршија и со сестринските православни Цркви. И оваа желба се исполни денес, благодарение на поканата што ја имав од ваша страна и поттикот на драгиот брат, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој беше еден од протагонистите работници на Црквата на Константинопол за да се постигне посакуваното.
Така, денес, како што многу точно кажавте, сеќавајќи се на она псаломското: Ете, колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно, блиску сме еден до друг, за да ја соединиме нашата молитва кон Божјиот престол и да ѝ заблагодариме на Пресветата Дева, чиешто Благовештение ќе го славиме задутре. Богородица Го донесе во светот Спасителот Христа, преку благодатта на Пресветиот Дух, за да нè изведе од темнината во светлината; за да ни ја дарува перспективата кон изгубениот Рај; за да ни се отвори патот кон Царството Небесно. И како што го минуваме душеполезниот и умилителен период на Светата и Велика Четириесетница, сè посилно осознаваме дека патот до спасението минува низ Крстот. Благородниот, благочестив и христољубив народ на оваа прекрасна земја несомнено го носеше својот крст многу децении. Распетието траеше многу години. Но еве, сега го живееме Воскресението! Ја живееме радоста од општењето, од заедничарењето меѓу нас. И секако, за да се стаса дотука, беше потребно многу луѓе да се жртвуваат себеси. Еден од оние кои се принесоа себеси и своите драгоцени сили и можности за овој случај, беше избраниот и драг брат Епископ Партениј, кој долги години, малку по малку, камче по камче, ги градеше прво душите на луѓето; ги одгледуваше душите на толку многу отци и браќа монаси и сестри монахињи, та да заживее толку многу манастири, но над сè – во дарохранителницата на душите на луѓето повторно го запали кандилото на верата и на надежта. Го славам Бога затоа што ми ги поведе чекорите кон ова свето место, кон Свештената Обител Благовештение на Богородица близу Кичево, за да се сретнам со еден извнореден брат, да се сретнам со сите кои се подвизуваат заедно со него: и монасите и монахињите, но и христољубивата паства на оваа црковна заедница.
Во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на Блаженејшиот Архиепископ Охридски г. Стефан, и се разбира, на Високопреосветениот Митрополит Дебарско-Кичевски г. Тимотеј, пастиреначалникот и домовладика на оваа богоспасувана епархија, затоа што со негов благослов се наоѓам овде и верувам дека со радост и благослов ќе го сретнам лично овие денови и ќе сослужувам со него.
Би ве замолил вас, драги мои браќа и сестри, да се молите. Да се молите оваа радост од нашето духовно општење да остане вечна. Ние сме браќа, возљубени мои! Можеби зборуваме различен јазик, можеби имаме различен идентитет, но да не забораваме дека во нас се Телото и Крвта на Исуса Христа. Ние сме Новиот Израил и нашата вистинска Татковина е Горниот Ерусалим. Во таа Татковина нема нации, нема јазици, нема племиња. Во таа нова Татковина Го има само Христос.
Со овие неколку размисли сакам повторно да ви се заблагодарам за пречекот, на светиот игумен, на игуменијата, на братството, на сестринствата и на сите вас. И да посакам, драги мои браќа и сестри, секогаш да бидете во мир. И со посредство на нашата Пресвета Богородица, Исус Христос, Кој се овоплотува за наше спасение, да ви дава радост, среќа, надеж и утеха на сите вас и на вашите семејства. А, пак, на нашиот игумен, Епископот Партениј, да му дава просветление и сила да ја исполнува својата служба, за слава Божја и за угледот на Неговата Светата Црква.
На многу години!“
Со благодатна радост во срцата и благодарност им беа доделени пригодни подароци на гостите од страна на нашиот Старец, Епископот г. Партениј, по што следуваше третата Акатистна пофалба кон Пресветата Мајка Богородица. Овој пат, радосните поздрави кон Царицата на Ангелите излегуваа од растреперените усни и од облгодатеното срце на Високопресвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил.