Во дух на длабока убавина и висока културна свест, вчеравечер се одржа премиерата на документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“, со што се заокружи прославата на големиот јубилеј посветен на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир на Чесниот Претеча.
Во свечениот амбиент на големата сала на Македонскиот народен театар, освен Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, Епископот Стобиски, г. Јаков и нашиот Старец, Епископот Антаниски, г. Партениј, беа присутни и Претседателот на Р. С. Македонија, г. Стево Пендаровски и првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓеорѓиевска, министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски, за финансии г. Фатмир Бесими, за одбрана г. Славјанка Петровска, за правда г. Никола Тупанчевски, градоначалничката на Скопје г-ѓа Данела Арсовска, претставници од политичкиот и општествен живот, академици, професори, актери, музичари, видни лица од македонското општество – сите љубители на убавото и доброто.
Настанот го отвори актерот Благој Веселинов, кој со своето трогателно и искрено обраќање ги воведе присутните во суштината на неговото патешествие низ овој филм.
Веднаш по него, на публиката ѝ се обрати режисерот на „1000 години – Сведок на Светлината“, г. Илија Ико Каров, кој му даде посебна топлина на настанот, водејќи го со себе на сцената својот малечок син.
По завршетокот на проекцијата, на сцената на МНТ застана монахињата Ефимија, која од име на нашиот Старец и Игумен, владиката Партениј, топло се заблагодари на целата филмска екипа.
Потоа, на грижливиот д-р Жан Митрев му беше доделен орден „Претеча“, заради неговиот добротворен принос кон Бигорската Обител.
Најголемото изненадување на настанот беше доделувањето на орденот на режисерот Илија Ико Каров, кое беше проследено со силен аплауз од страна на целата публика, но и огромниот букет со различни цветови што екипата на филмот го подготви за нашиот и нивен Старец, Епископот Партениј, кој трогнат од ова искрено и полно со љубов дело, на присутните им посака добар почеток на Страдалната Седмица и добро Воскресение.
Бигорскиот Манастир уште еднаш сесрдно се заблагодарува на целата екипа на документарниот филм, просејќи го благословот Божји за секој нејзин член, за понатамошен успех во филмската уметност и за духовен напредок.