Патот на „Црешовото топче“

Љубовта кон татковината е навистина возвишена христијанска добродетел, зашто оној кој татковината своја пожртвувано ја љуби, тој всушност ближните свои ги љуби и за нив несебично се жртвува. А љубовта кон ближните, заедно со љубовта кон Бога, се двете најголеми Христови заповеди, во кои се содржи целата суштина на нашата православна спасителна вера. Неслучајно големиот руски писател и православен философ, Фјодор М. Достоевски, љубовта кон татковината ја уподобил со љубовта кон Бога: „Кој од татковината своја се откажал, тој од Бога се откажал“.

Во духот на тоа христијанско родољубиеа, а во склоп на илинденските празнични традиции, еве, веќе четврта година по ред, во свештената Бигорска обител со молитва беше одбележан споменот за незаборавното „Црешово топче“, симболот на слободољубивата борба на нашиот народ за својата православна вера и татковината. Младите родољубиви патриоти: Стојанче, Љубомир, Бојан, Самуил, Дејвид, Бојан, Божин, Гоце, Андреј, Тони, Ивица и Станоја од Гостивар и Другово, облечени во комитски носии и со развиени бајраци, дојаваа синоќа во Бигорскиот манастир, каде некогаш од страна на монашките раце биле изработени неколку црешови топчиња за Илинденското востание. Утрово, комитите во храмот на св. Јован Крстител со молитва беа благословени од нашето братство за нивниот пат кон револуционерното Крушево, пат кој го оживува споменот за нашите пожртвувани богољубиви предци и нивниот бесмртен подвиг. После молитвената доксологија, младите комити, пред Светото Писмо, кама и револвер, положија заклетва за верност кон македонското ослободително дело – истата онаа заклетва што некогаш ја полагале членовите на Македонската револуционерна организација. Овој достоинствен чин послужи како повод за г. Манојил Јаковлески, од името на целата организација „Патот на Црешовото топче“ од Гостивар да им додели благодарница на нашиот старец, архимандритот Партениј и на Бигорското братство, за нивната несебична поддршка за оваа убава илинденска традиција. Во отсуство на нашиот старец Партениј, благодарниците ги прими манастирскиот економ, јеромонахот Доситеј, кој со свештенички благослов и молитва ја испрати комитската чета од манастирот кон славното Крушево.