Осветување на параклисот на Светите Пречистантски Преподобномаченици

„Кога си дошол до вратата адова, Господи, и кога си ја скршил, тогаш затвореникот викаше вака: Кој е Овој Кој не е осуден во најдолните места на земјата, но ги разруши оковите на смртта како сенка? Го примив како мртов, а треперам како од Бог. Сесилен, помилуј не“ (воскресна хвалитна стихира во недела на Утрена, глас 8-ми).

Во годината кога го прославивме и се уште го прославуваме големиот јубилеј на нашиот Митрополит Тимотеј, беше осветен уште еден молитвен дом, кој пред неколку години, со трудот и заложбите на Митрополитот Тимотеј беше изграден во еден од нашите најголеми светилишта – манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево. Имено, прославата на оваа Дваесет и петта недела по Педесетница и на празникот на св. мч. Парамон и 370 други со него и на св. Урбан Македонски, како и поводот да го осветиме параклисот посветен на преподобните Пречистански маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, беше причината поради која се собравме во Пречистанскиот манастир на 11 и 12 декември 2021 година. Параклисот се наоѓа во склоп на конакот од северо-западната страна на манастирот, кој беше изграден во 2014 година, кога со манастирот раководеше игуманијата Агнија. За прексрасниот фрескоживопис се погрижија монахот Аверкиј и монахињата Екатерина, а истиот се осветува кога старешина на манастирот е монахињата Харитина (Јакимовска).

Празнувањата започнаа на 11 декември, со Воскресна вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Макариј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Торжествата продолжија утредента, на 12 декември, кога беше осветен новиот параклис, а по осветувањето, беше отслужена и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј,  во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Макариј, свештеникот Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ, кој и покрај тешките временски услови, со вера во Господа успеа да дојде на овој свечен ден. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј испрати пофални зборови до зографите кои се погрижија за фрескоживописот, како и до сите верници кои претходната вечер, не штедејќи се, се погрижија безбедно да пристигнеме до манастирот, чистејќи го големиот снег којшто го зафати овој крај. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј во целост.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Ние како христијани сме должни да размислуваме за Бога и за Неговите зборови кои ни се насушно потребни. Ако сакаме да бидеме вистински следбеници на Христа, должни сме да го примиме евангелскиот дух и да живееме евангелски живот. Евангелскиот дух соодветствува на потребата на нашата суштина. Тој е живот на нашата бесмртна и богоподобна душа. Светото Евангелие ги учи сите за она што е добро и свето. Тоа ги облагородува нашите нарави, чувства и потреби. Евангелието нѐ учи да Го сакаме Бога и да го љубиме ближниот.

И во денешното евангелско четиво слушнавме за законикот кој Го прашал Христа: „Кој е мојот ближен?” (Лк. 10, 29). Во денешното време е навистина тешко да се разбере кој е наш ближен. Тешко е не затоа што времето е тешко, туку ние кои живееме во ова време сме лоши. Ние сме такви што повеќе ја искажуваме нашата љубов кон оние што се далеку од нас, отколку кон оние што се покрај нас. Се грижиме за оние што се оддалечени од нас, а ги презираме блиските покрај нас. Луѓето на земјата се разделени помеѓу себе од различни причини. Тоа, пак, уште повеќе го отежнува одговорот на прашањето: Кој е нашиот ближен?

Но, да се вратиме на евангелскиот расказ: Еден човек одел од Ерусалим за Ерихон. На патот го пресретнале разбојници, по ограбиле и ги претепале, оставајќи го полужив (Лк. 10, 30). По тој пат поминал еден свештеник, го видел и си заминал. Поминал и еден служител во храмот – левит, но и тој го погледнал и си заминал. Поминал и трет човек – Самарјанин. Треба да кажеме дека Самарјанините според Законот не комуницирале со Јудејците, па не би било чудно доколку и тој поминел покрај овој јаден Јудеец без да му помогне. Но, ние го гледаме токму спротивното. Овој Самарјанин му притекнал на помош, покажувајќи се најблизок на тој човек. Му ги преврзал раните, го помазал со вино и елеј и го качил на своето магаре, па го одвел во гостилница. Платил за неговиот престој таму, а на гостилничарот му рекол дека ако потроши нешто повеќе ќе му плати кога ќе се врати. Во овој случај, токму најдалечниот човек му се покажал најблизок на човекот кој бил во неволја. Ете го одговорот на прашањето: Кој е нашиот ближен? Треба сите нас луѓето да нѐ обеспокојува оваа глетка.

Би требало да кажеме неколку збора за Самарјаните. Тие се луѓе кои живееле во Самарија и по потекло биле Јудејци, но поради разните ропства – асирски и вавилонски, тие се измешале со овие незнабожечки народи преку мешани бракови. Но, и покрај тоа, тие ја сочувале верата во едниот Бог. Тие биле населени во централна Палестина, но биле презрени од Јудејците поради измешаноста со другите народи и затоа Евреите не комуницирале со нив. Дури за Евреите било обесчестување ако некој Евреин помине по патот низ Самарија. Ако тоа се случело, следувал посебен ритуал на очистување, зашто и патот во Самарија за Јудејците бил нечист. Но, ете, еден таков Самарјанин покажал најголема милост кон страдалниот Јудеец.

Сѐ уште по лицето на земјата постојат многумина разбојници и голем е бројот на оние кои се ранети – духовно или физички. Сето тоа не е затоа што животот сам по себе е лош, туку лоши се луѓето. Животното искуство нѐ учи дека ако сееме зло – зло и ќе пожнееме. Ако не ја сакаме правдата, ќе бидеме совладани од неправда. Ако не ги сакаме луѓето, ќе нѐ зафати омраза. Ако не го сакаме мирот, на земјата ќе не мачи недовербата и безредието. Често пати во животот луѓето си нанесуваат рани, сами на себе, но и на ближните. Кој ли од нас луѓето нема претрпено непријатности, навреди, понижувања и сл.? Многу е важно во таквите случаи да го помниме евангелскиот закон: Тоа што сакаш да ти го прават тебе, прави го и ти на другиот.

Оној кој одел од Ерусалим во Ерихон и паднал во рацете на разбојници е секој еден од нас. Добриот Самарјанин е Господ, Кој не го одминува никого, туку ги исцелува раните и во нашите срца излева милост и благодат. Тој нѐ чека за да се осознаеме и да ја разбереме потребата од Неговата помош. Чека да го последуваме Неговиот пример – да постапуваме со луѓето како со наши ближни. Помошта која ќе му ја дадеме на некого може да биде незначајна, може да биде и духовна – изразена со збор или со дело. Затоа Христос вели во Евангелието: „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле” (Мт. 25, 45).

Христијанското милосрдие не се мери со големината на направената милост. Тоа треба да извира од добрите чувства и од срдечните пориви. Знаеме дека сиромашната вдовица пуштила во храмовата каса само две лепти. Но, тоа било сѐ што имала. Во нив биле сето нејзино срце и сета нејзина душа. Христос ни дава пример за вистинско милосрдие. Да се потсетиме на благоразумниот разбојник на крстот или на блудниот син. Христос и денеска не поминува покрај нас, туку секого го милува. Токму затоа Господ му рекол и на законикот: „Оди и ти прави така” (Лк. 10, 37) – онака како што постапил милостивиот Самарјанин. Овие зборови се однесуваат на секого од нас. Тоа е програма дадена од Господа. Треба да ја примиме и да се раководиме според неа.

Денеска ја осветивме оваа капела посветена на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. Таа нека послужи за да ги отвориме нашите души и срца пред Бога. Да ги исповедаме сите наши слабости, грешки и гревови. Да се очистиме од сите соблазни од овој свет. Да ги засакаме и примиме евангелските начела – не само со збор, туку и да живееме според нив. Да вршиме добри дела, на што нѐ поучува и денешното Евангелие за милостивиот Самарјанин. Амин!

Дваесет и петта недела по Педесетница и осветување на капела на Пречистанските преподобномаченици

Манастир „Пресвета Богородица Пречиста” Кичево

12.12.2021 год.