Во овој празничен ден, кога православната Црква со љубов го чествува споменот на Светецот на љубовта, Преподобниот Порфириј Нов Кавсокаливит, во духот на заедничарењето во љубовта Христова, Бигорската Свештена Обител беше почестена со посетата на триесетина млади православни богољубиви души од Тирана, Албанија.
Овие благочестиви поклоници, жедни за преслатката наука Христова, пристапиле кон ова поклонение со огромна желба да се сретнат и да поразговараат со нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, за кого, според нивното сведоштво, со духовна наслада слушале и читале, па посакале и лично да го запознаат. Притоа, тие направија таков подвиг, што патувале скоро цела ноќ, за да стасаат на утринското богослужение.
Ваквите нивни ревност и копнеж по Христа, Старецот ги пресретна со отворено татковско срце, така што ги пречека со големо достоинство и радост. Прво, во сечесниот храм на Чесниот Претеча, а потем и во гостоприемната одаја. На групата, предводена од благоговејниот презвитер о. Илија Мазнику, повеќегодишен пријател на Старецот и на Бигорски, најнапред им беше раскажана историјата на Манастирот и на Светињите во него, а по трпезата на љубовта, во гостинската соба им беше приредена обилна духовна гозба. На младите Христијани од Тирана, Владиката г. Партениј, од своето сочувствително родителско срце, им излеа вдахновени зборови на мудрост, утеха и поучение, како тивки води на спокојот за ожеднетите патници низ пустината на овој свет. Потоа тие имаа можност и лично да поразговараат со Старецот и да го прашаат за разни теми од духовниот живот. Од своја страна, благодарни за срдечниот прием и со озарени лица, тие му подарија на нашиот Игумен дарови од љубовта на нивните срца, меѓу кои и негов портрет со Манастирот во позадина.
Возрадувани и возвишени духом, поклониците, со благослов на Старецот, се упатија кон Бигорската книгохранителница, каде што беа запознаени со содржините на книжниот фонд. Оттука, тие го продолжија своето поклонение кон Обителта на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, а оттаму – во светителородниот Охрид.