Посета на Премиерот Зоран Заев

Во рамките на својата работна посета на повеќе места од Западна Македонија, Премиерот на државата г. Зоран Заев денес ја посети и Свештената Бигорска Обител. Тој беше пречекан од страна на монашкото братство и одведен во манастирскиот католикон, каде што накратко му беше раскажано за историјата на Обителта. Претседателот на Владата го искажа своето задоволство од грижата на Братството за благолепието на храмот Божји, за градителските потфати, а покажа посебен интерес за историјата и содржината на прочуениот иконостас. По посетата на храмот, г. Зоран Заев со своите придружници се упати кон големата манастирска сала за свечености, каде што деновиве се одржуваше Втората малореканска научна конференција, насловена како: „По патеките на Дичо Зограф“. Таму, Премиерот имаше можност да го слушне излагањето на проф. д-р Сашо Цветковски за украдените икони од црквите во реканскиот крај и по тој повод изрази подготвеност да помогне за нивно враќање од Албанија во крајов каде што припаѓаат.

На крајот од својата кратка посета, Премиерот оствари средба и со старецот и игумен на Манастирот, Епископот Антаниски г. Партениј, кој го запозна гостинот со тековните дејности на Обителта. Премиерот се заблагодари за топлиот пречек и истакна дека Бигорски е сенароден сакрален споменик, кого сите треба да го почитуваат, без разлика на верската и национална припадност. Тој и лично му се заблагодари на Владиката Партениј за неговиот пожртвуван труд и грижа, кој како домаќин на ова значајно македонско Светилиште, направи многу за неговото заживување, разубавување и одржување, но и за големата општествена мисија што тоа, под негово игуменство, ја спроведува во изминатите речиси три децении од обновувањето на монаштвото во него.