Поставен крстот на Успенскиот храм во Ростуше

Како што го одбележавме почетокот на светиот Богородичен пост со изнесување на чесниот Крст, така и денес, кога го славиме преносот на моштите на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, по Божја промисла, Првомаченикот, чие име значи „венец“, како да го овенча Успенскиот храм во Ростуше со прекрасен позлатен крст. Имено, по осветувањето на крстот од страна на нашиот старец, архимандрит Партениј, со негов благослов тој беше поставен на врвот од големата купола на обновениот Ростушки храм. Инаку овој крст е подарок од благочестивиот руски верник и пријател на нашиот манастир, г. Анатолиј, бизнисмен од Москва, кој покрај овој крст од прочуениот руски производствен завод за црковни работи – „Софрино“, на манастирот му има подарено и други вредни црковни предмети. Беше прекрасно да се види како овој чудесно изработен крст заблеска на сончевите зраци облагодатувајќи го целиот простор и будејќи радост во нашите срцa, како што и Христовата светлина ги просветлува и радува нашите души. Со овој крст, Успенскиот храм доби нова, небесна димензија.