Успение на Пресвета Богородица

Пристапете сега, верни, слушнете го трепетот на срцето кое се осмелува да зборува за она што ги надминува зборовите! Зашто срцето трепери од љубов и сака со слово да се допре до пречистото Живеалиште на Бога. И чувствува немоќ да ги воспее овие царски Двери низ кои Христос влезе во светот, овој небозрачен пример на чистота и светост, зашто Таа, Најчистата, е тајна што го надвишува секој ум.

 
Кога и архангелот Гавриил, чудејќи се на убавината на девството и на пресветлата чистота на Богомајката, самиот бил во недоумица како да ја нарече и каква пофалба да Ѝ принесе, како да се осмелиме ние, недостојните, да возглаголиме за Нејзината слава сега кога Таа неискажливо се вознесува на небесата. А колку прекрасно и радосно за Црквата е Нејзиното Успение! Зашто со Неа се обнови немоќниот род човечки, со Неа се отвори Едем, со Неа клетвата се разори, а благословот процути и таму каде што смртта се всели, таму животот бесмртен излезе. Се претстави Мајката на Животот во предвечниот живот, отварајќи ги родителските врати за целото човештво. Денес Мајката на нашиот Господ влегува од долниот Ерусалим во небесниот град на вечното Христово царство. Денес пресветлиот облак се издигнува кон непристапната светлина на бестелесните сили. Срцето го чувствува тоа и не може, а да не воскликне со восхит:

– Радувај се, рају духовен, од кој се разлеа бесмртност за родот човечки!

– Радувај се, нов кивоту, Ти не ги понесе камените таблици на Мојсеја, туку самиот Законодавец Христа, Спасителот на светот си Го родила!

– Радувај се, светилнику на Светлината незаодна, со своите пресветли молитви богоразумно го осветлуваш и постојано блескаш над сиот свет!

Зашто со Тебе, Владичице наша, синови Божји се нарекуваме. Со Тебе сите ереси и противници христијански се победуваат. Со Тебе, Пресвета Дево, нашите болести и страдања се отстрануваат, бидејќи Ти Го носеше Оној Кој нашите болки и страдања ги понесе на Себе, а сега пребивајќи во славата на Твојот Син, непрестајно се молиш за нас, што Твоето славно Успение со љубов и радост го празнуваме.

Твоето Успение, Преблагословена наша Мајко, за Бигорската обител е, чиниш, втор Велигден. Се издига синовската љубов од монашките срца и таму горе, на небесата, се среќава со Твојата мајчинска нежност, за најпосле да се излее во храмот низ бранови од светлина и воскресенска благодат. Восхитени, со трепет и почит стоиме пред Твојот украсен гроб, толку нежно и раскошно закитен со мирисни цветови, и таму, среде тој сплет од цвеќе, достоен за Твојот неопислив духовен блесок, го гледаме Твојот пречист лик, од кој зрачи милост за целиот свет. И гледаме како се преобразуваат лицата на сите и како молитвата има посебна сила во таа успенска ноќ. И небото зрачи со посебна светлина. И како Твојата топла љубов да ги гали срцата на сите што оваа ноќ ги издигнуваат своите воздишки кон Тебе. Зашто како што Твојата последна желба ги собра апостолите околу Твојот одар, така почитта и љубовта кон Тебе ги собра верните од сите краишта околу Твојата чудесна плаштаница, во молитва, покајание и смирение да Ти се принесат себеси, барајќи го Твоето застапништво и утеха.

Како вистинска Мајка, оваа таинствена ноќ Ти го прегрна со љубов и Своето новозамонашено чедо Пајсиј, кој го понесе името на светиот славен преподобномаченик Пајсиј Пречистански. Оваа млада фиданка, која растеше во закрилата и татковската грижа на нашиот старец Партениј, сега ја приклони главата пред Тебе и Твојот возљубен Син, барајќи го вашиот благослов за рамноангелски живот. Стоејќи смирено пред нашиот архиереј, митрополит Тимотеј, тој го прими од неговите раце монашкиот потстриг, и поткрепен од неговите пастирски молитви, Му го принесе својот живот на Христа, предавајќи се на служба на Неговата света Црква.

Ти, Предобра Мајко, го благослови за возвишена служба во црквата и Твоето чедо, монах Еразмо, дарувајќи му ја ѓаконската благодат и исполнувајќи го со ревност за служба пред светиот Престол. Зашто да се служи пред Престолот Божји, тоа е голема тајна и неискажливо достоинство.

Толку многу радост и благодат ни донесе Твоето Успение, Богомајко! Ти ги рашири нашите срца и ги претвори во небо на кое блескаш како најсјајно Сонце, и отакако нè нахрани со небесната храна, нè поучи со духовна мудрост преточена во словото на нашиот архиереј, кој и сега не заборави да нè потсети на Твоето неизглаголиво величие:
„Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Денес светата православна Црква слави голем празник посветен на Успението на Пресветата Богородица. Животот на оваа света душа не бил исполнет со никакви особени почести, слава, богатства, напротив тој бил проследен со сиромаштво, служење во послушност, учење и покорност. Целиот Свој живот Таа го посветила на Својот Син, нашиот Господ Исус Христос, како грижлива Мајка што се грижи за своето родено чедо. Како Мајка на Господа, Таа ќе доживее такви маки и болки, како ретко која мајка, гледајќи Го Својот Син, нашиот Спасител, осуден на крст и распнат, а потоа и погребан. Затоа Црквата пее: „Твојата душа ќе биде со меч прободена…“ Всушност, целиот Нејзин живот бил само мака, плач и лелек, но сето тоа Таа смирено, побожно и покорно на Божјата волја, стоечки ќе го поднесе.

Нејзиното, пак, преселување во вечноста, Нејзиното Успение, ќе биде награда и прослава за сета Нејзина верност на волјата Божја и послушност кон Словото Божјо. Преку устата на светите отци од првите векови, светото предание ни вели дека архангел Гавриил Ѝ се јавил на Богородица и Ѝ кажал дека дојден е часот да го напушти овој свет и да се пресели во вечноста. Како знак и дал маслиново гранче, донесено од оној свет, а Таа, пак, оваа вест со смирение и радост ја примила, како што ја примила и веста за раѓањето на Својот Син: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“ (Лк. 1, 38). Волја Божја била на Нејзиното испраќање да бидат присутни сите апостоли, на чудесен начин собрани од сиот свет за да Ја испратат Богомајката во вечноста. Заради Нејзината чистота и светост, зашто се удостоила да Го смести во Својата утроба Словото Божјо, Искупителот на светот, Он не дозволил да види распаѓање Нејзиното пречисто тело, туку ги отворил небесата и слегол со сите ангели и го зел Нејзиниот дух, а телото Нејзино, преобразено, се искачило во небесните рајски предели. За тоа ни сведочи светото црковно предание. Имено, апостол Тома, кој го проповедал Евангелието во Индија, задоцнил на погребението, за што многу тагувал и многу жалел. За да го утешат, апостолите го однеле на гробот на Богомајката, го отвориле гробниот камен за и тој да се прости со Неа, но нашле само празен гроб, без телото на Пречиста Дева.

Токму ова светата Црква денес толку радосно и торжествено го прославува. Не само што Христос воскресна од мртвите, покажувајќи ни дека смртта нема повеќе сила, туку денес Он ни покажа дека и ние луѓето ќе бидеме преобразени како Пресвета Богородица и ќе воскреснеме за нов живот, при Неговото Второ и славно доаѓање. А Богородица, пак, стана скала преку Која Бог слезе на земјата, се овоплоти, поживеа, ја создаде Црквата со светите Тајни во неа и ја утврди преку Светиот Дух, Кој постојано пребива во неа, та да можеме и ние луѓето да ја напуштиме оваа долина на плачот и да се искачеме кон небото, во прегратките на Бога.

Пречистата Богородица, како Мајка Божја има смелост пред Нејзиниот Син и нашиот Бог, бидејќи Таа во плот Го родила Христа. Ние кои сме крстени во Неговото свето име, сме во духовна врска со Господа Христа преку света Дева Марија, како претставник на сиот човечки род. Светата Богомајка, Којашто поднела најразлични страдања и маки, гледајќи како Нејзиниот Син страда заради човечкиот род, со посебно разбирање и чувство Ѝпристапува на секоја христијанска душа во мигови на болка, мака, страдања и потреба од помош. Таа им вели на апостолите: Ќе бидам со вас до свршетокот на светот, како што вели и Самиот Господ Исус Христос (Мт 28, 20). Односно, Таа ќе биде наша молитвеничка, наша застапничка пред лицето Божјо, бидејќи има смелост за тоа.

Затоа, драги браќа и сестри, да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја, Чие Успение денес го славиме, молејќи Ја Таа да биде наша молитвеничка, наша патеводителка, раководителка, наша заштитничка, поткрепа во верата, да нè води по вистинскиот пат, пат кој води во вечен и блажен живот.
Пресвета Богородице, помагај ни! Амин!“