Величествен Божикен и Новогодишен мјузикл во Кичево

Рождеството Христово е празник чиешто торжество започнува уште во навечерието на Бадник и продолжува сѐ до неговото оддание. Тоа е празник кој е нераскинливо поврзан со нашиот народ, нашата култура и длабоко е присутен во начинот на живот, врежан во срцата и душите на оние кои Го прославуваат Бога. Можевме да видиме како во изминатите празнични денови, по улиците на нашите градови и села радосно одекнуваа божикните каландите. Милозвучното пеење на сите, и на деца и на возрасни, нѐ повикуваше да се вдлабочиме во тајната на Христовото Рождество, создавајќи на тој начин празнична атмосфера насекаде каде што допираа нивните прекрасни гласови и инструменти.

Вчеравечер, пак, во светлата и серадосна ноќ, голем број љубители на културната и духовна традиција се собраа на сцената во Центарот за култура на град Кичево „Кочо Рацин“, каде што втора година по ред, во организација на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, се одржува Божикниот и Новогодишен концерт. Членовите на истакнатиот кичевски хор, како и музичарите од составот „Мерак Чалгии“, заедно со уште многумина млади музичари од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, повторно успеаја да ни ја пренесат длабоката празнична смисла која извира од православната традиција. Во овие традиционални музички творби совршено се вклопи божикната претстава, што придонесе целиот настан да биде, всушност, еден своевиден мјузикл. Претставата беше изведена од младите актери Нина Младеновиќ, Марија Спасеноска и Матеј Јовановски, коишто на сцената, заедно со музичарите ја одиграа драмата „Божикна авантура во градот на снегулките“ – адаптирана од драматургот г-ѓа Билјана Крајчевска, а според истоименото книжевно дело на г-ѓа Марија Ангеловска – Дангева. Режијата на овој празничен мјузикл им беше доверена на искусните г. Владо Дојчиновски и г. Никица Јанковски. Водител на целиот настан беше познатата новинарка од Битола г-ца Весна Шеровска.

На наша голема радост во преполнетата сала, во која освен седиштата, пополнети беа и сите други можни површини со гледачи коишто цело време стоеја простум, меѓу присутните беа: Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител г. Партениј, директорот на Центарот за Култура на Кичево, г. Мазлам Османи, како и архимандрити, монаси и монахињи, жители на градот Кичево, но и пријатели и гости од повеќе градови низ Македонија.

На крајот од музичкото собитие, најмладите учесници – хористи го повикаа Преосветениот Епископ г. Партениј, за да му подарат пригоден дар во знак на благодарност за неговите заложби, иницијативи и самопрегорен труд за реализацијата на вакви убави нешта, а г. Филип Тинтоски му прочита едно благодарствено слово од името на сите учесници.

Трогнат од љубовта и воодушевен од целиот настан, Старецот Епископ г. Партениј, топло им се заблагодари на сите учесници и ни упати светли христијански пораки и поуки за Новото Лето Господово.

Торжеството продолжи во центарот на градот, кој во целиот изминат претпразничен и празничен период беше украсен со божиќната пештера и украсената елка – место каде што се собираа и дружеа голем број кичевчани, бидејќи токму таму беше поставен новогодишниот и божиќен базар, на кој учествуваа и постојано го збогатуваа со нови содржини сите жители на градот. Вчера, пак, во последниот ден од Базарот, организаторите приредија голем спектакл, на кој се радуваа сите, а посебно нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој на најмладите со голема радост им делеше празнични пакетчиња. Претходно, во холот на Центарот за култура, владиката Партениј ја благослови и ја раздели Василопитата, а среќниот Јордан Петревски ја пронајде паричката и го понесе благословот за духовен напредок во Новото Лето Господово. Беа приредени многу изненадувања, меѓу кои и огромната торта, подготвена од претпријатието Атва, а која им беше поделена на сите присутни.  

На крајот од овој радосен настан, учесниците и организаторите им посакаа на сите Новата 2024 година да им биде исполнета со љубов, радост, мир и среќа, нови почетоци, нови надежи и нови благослови.