Божикни пештери за секој христијански дом

Во пресрет на неискажливото Божикно таинство, кога Божественото дете скришум од светот се роди во скромна пештера за да ни ја донесе на сите радоста на спасението, треба и нашите домови да засветлат со достојно украшение за пречек на ова најсвето и најспасително за нас Рождество. Треба и ние самите а и заедничкото семејно катче да го доловат смирениот лик на Витлеемската пештера, сведочејќи го на сите наоколу настанот што се случи пред повеќе од 2000 години во таа тивка Божикна ноќ.

Затоа на барање на нашите богољубиви Христијани, а со благослов на најсаканиот наш Старец, епископот Антаниски Партениј, и оваа година сестринството на светата Рајчичка обител се потруди благонаклоно да одговори на сѐ поголемиот интерес и да изработи пригодни Божикни традиционални украси во вид на некогашната Витлеемска пештера, автентично украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандило, и така да им даде можност на сите заинтересирани да го надополнат Божикниот амбиент во својот дом во духот на нашата православна традиција.

Како и претходната година,  и овој пат рачно изработените Божикни пештери ќе можете да ги нарачате на следниов број: +389 75 245 791 кај сестра Филотеја. Нека Божикната радост се всели во секој православен дом!