Ерусалим: прославен споменот на светите апостоли на едно од најдревните места

Во ерусалимскиот манастир посветен на Св. Марија Магдалина, односно во самата пештера која во христијанскиот свет е поврзана со последните денови од телесното битисување на Христос на земјата, според традицијата, беше отслужено сеноќно бдение. Имено, се работи за гетсиманската пештера во која се наоѓале апостолите Петар, Јаков и Јован во мигот кога нашиот Господ, непосредно пред Своите страдања, им се обратил, велејќи им: „Бидете будни и молете се!“

„Оваа пештера е синоним за секој апостолски празник, особено кога Црквата Христова го слави споменот на Соборот на светите апостоли. Токму тука, на ова древно место, во раните утрински часови, а во чест на апостолите, беше отслужена Божествена Литургија. На сите ни е познато колку е голема улогата на апостолите во поглед на христијанизацијата на целата земја, а преку исполнувањето на последниот завет кој Спасителот им го остави непосредно пред Вознесението. Дванаесет луѓе, само дванаесетмина биле доволни да се направи огромен пресврт во целата Вселена. Само дванаесет храбри луѓе, кои од илјадници незнабошци и пагани, направиле Божји синови и ќерки. А колкумина сме денес? Многумина нѐ има! Многумина кои не смееме да заборавиме дека нашиот Господ никого не отфрли, туку напротив, ги љубеше сите луѓе. И да се запрашаме: ако првоапостолите, оние дванаесетте кои Христос ги избрал за Свои најблиски ученици, ги селектирале луѓето, дали ние денес ќе бевме Христијани? Дали ако до смрт не ги љубеле различните од нив, ние денес, воопшто, ќе постоевме? Тие не бегале, не се плашеле и не ги презирале различните од себе, туку со љубов, кротост и трпение се доближувале до незнабожците и паганите, до слепите, хромите и немите, до сиромашните и презрените“, изјави сестра Латина.

Од Ерусалим за Бигорски манастир: Сестра Латина Стаменкова