Митрополитот Епифаниј избран за претстојател на обединетата Украинска Црква

Денес во Киев, во соборната црква „Света Софија“, под претседателство на Митрополитот Француски г. Емануил од Вселенската Патријаршија, беше одржан „Обединителниот собор“, на кој се сплотија сите доскорешни јурисдикции во една, единствена Украинска Православна Црква. Соборот едногласно го избра Митрополитот на Перејаслав и Бела Црква г. Епифаниј за претстојател на новоформираната, автокефална Православна Црква во Украина.

Новоизбраниот претстојател г. Епифаниј, поддржан и од поранешниот митрополит Киевски г. Филарет, беше претставен пред насобраниот народ на плоштадот Света Софија, од страна на претседателот на Украина, Петро Порошенко. Митрополитот Епифаниј му се обрати на народот, за кој рече дека е учесник во овој историски момент, велејќи: „Успеавме да се обединиме и со нашите заеднички напори да создадеме единствена, помесна Православна Црква во Украина. Пред сè, треба да ја искажеме нашата благодарност на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој направи ваков одлучен чекор за признавање на автокефалијата на Православната Црква во Украина“.

Треба да се забележи дека од УПЦ-Московска Патријаршија, и покрај поканата до Митрополитот Онуфриј и останатите архиереи, присутен беше само Митрополитот Виницки г. Симеон и Митрополитот Перејаславски г. Александар. Не е извесно дали Митрополитот г. Симеон, како што беше најавено порано, со себе носи полномоштва од 10-15 архиереи од УПЦ-МП, кои го поддржуваат Соборот, но сакаа да останат анонимни.

Според неофицијалните информации, по излегувањето во јавност на една верзија на новиот Устав на УПЦ, новоформираната црква ќе биде автокефална, со тоа што варењето на миро, во знак на единство, ќе го извршува заедно со Вселенскиот Патријарх во Константинопол. Исто така, нејзината дијаспора, како и досега, ќе биде водена од локалните архиереи низ светот, кои припаѓаат на Вселенскиот Престол, согласно 28-от канон од Четвртиот Вселенски Собор (сп. и 8-от канон од Првиот Вселенски Собор).