Митрополитот на Аргирокастро: Добро е да се градат нови храмови, но кој ќе ги наполни со живот?

Извор:

Митрополитот на Аргирокастро Димитриј (Северен Епир, Албанија) го освети и следниот нов храм во малото населено место во својата планинска епархија. Но тој напомна, сепак, дека новите цркви запустуваат, бидејќи нема клирици да служат во нив и да формираат парохија.

Митрополитот раскажува дека тој недостиг на православни клирици не е проблем само во неговата епархија, туку и во цела Албанија. Една од првите цели на албанскиот архиепископ Анастасиј (Јанулатос) чие што дело во земјата е многу разнообразно, беше да најде и ракоположи клирици. И покрај големите тешкотии, тој успеа да подготви и ракоположи околу 200 свештеници во речиси цела Албанија, каде 30% од населението е православно. Од 1992 година во Драч дејствува и православна богословска академија, со 4 годишен курс, а од 1998 во Аргирокастро е отворена и семинарија „Чесниот крст“. „И покрај тоа“, изјави митрополитот, „во нашата митрополија има неколку стотици парохии и само 23 клирици… Убава работа се новите богослужбени објекти, но кој ќе им даде живот, кој ќе ги наполни овие значајни објекти ако заедницата на верници нема свој пастир, свој свештеник?“ Затоа тој ги повика локалните парохјани: „Сега е време да најдете подобен меѓу вас кој ќе биде ракоположен за свештеник“.

Тоа сепак е тешко затоа што малите населени места се опустошуваат (жителите емигрираат трајно во соседна Грција). Истовремено властите создаваат дополнителни тешкотии за мисијата на православната Црква, на пример, не се допуштени реставрации на историските цркви во регионот, а како таква е посочена црквата во Ламбово, од која во 1989 година е украден златен крст, дар од императорот Јустинијан.