Невидена радост пред празникот Божик

Пред повеќе од еден месец интензивно започнаа подготовките за Бадниковите поворки, кои слава на предобриот Бог, прераснаа во еден од најмасовните собири што радосно ги обединува најмладите од целата наша Татковина. Имено, после неколку години огромен труд, зачинет со толку потребните љубов, ревност и пожртвуваност, иницијативата на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, за возобновување на прекрасната древна традиција – Бадниковите поворки, сега доживува огромна популарност и навлегува длабоко во срцата на целиот народ, особено меѓу децата, предизвикувајќи восхит и невиден интерес. Веќе насекаде во Македонија, огромни групи на деца се собираат за радосно да го најават Христовото Раѓање и да пренесат топла празнична порака, пеејќи ја старата коледарска песна „Вечниот Бог“.

Оваа година, здружението за возобновување на православните традиции „Бадникови поворки“, навистина пожртвувано, несебично и со голем ентузијазам и љубов вложува не мал труд за што подобро да се организира овој торжествен и за децата омилен настан, кој прави сите тие да се обединат и на 6 јануари да излезат на улиците низ цела Македонија. Од особено значење и за пофалба е тоа што се вклучени голем број на познати личности од светот на музиката, филмот, телевизијата, модата, спортот и театарот, кои пеат заедно со децата и несебично ја даваат својата поддршка и помош во реализирањето на овој настан, а медиумите, пак, со голем интерес ги следат сите активности што здружението Бадникови поворки ги презема околу самата организација на претстојниот голем настан: помош при изработката на божикните пештери во манастирот во Рајчица со кои децата ќе ги предводат поворките, правењето на сјајните божикни ѕвезди со кои тие блескаво ќе чекорат, студиското снимање на божикната каланда во изведба на познатите поп-ѕвезди и Златните славејчиња која дечињата ќе ја пеат утрото на 6 јануари, печатењето на божикната сликовница за секое дете учесник на поворките од цела Македонија, собирањето подароци и прилози за болните, сиромашните и изнемоштените, се само еден мал дел од целокупната организација на овој толку важен настан.

Затоа и ние го испраќаме нашиот топол апел, до сите деца, родители, до сите граѓани од целата наша земја, да се соберат во уште поголем број, да го привлечат Божјиот благослов за нашиот народ. Истовремено, нашите Свештени Обители силно ги благословуваат сите личности кои се вклучени во организацијата, молејќи Го штедриот наш Бог Исус Христос, да им испрати што повеќе сили за докрај да го завршат ова големо дело.

Ви ги претставуваме видеата од веќе снимените и емитувани прилози од активностите на здружението, а за сѐ она што следува, ве повикуваме да го следите facebook профилот „Бадникови поворки“, каде постојано ќе бидете информирани за сите предвидени и реализирани настани во целата наша Татковина.