Воденичаров: Политичарите и црквите во Македонија и Бугарија имаат шанса да влезат во историјата

Извор:

И Бугарската православна црква и Македонската православна црква, исто како и двете држави, имаат голема одговорност кон своите верници. Ако се дојде до признавање на Македонската православна црква за наследник на Охридската архиепископија, која беше заедничка, тоа ќе биде од исклучителна корист, изјавил акаденик Стефан Воденичаров за агенцијата БГНЕС. 

Поранешниот претседател на Бугарската академија на науки смета дека така ќе се даде можност прашањата поврзани со духовноста на секој граѓанин на двете држави на некој начин да се насочи кон главната цел, а тоа е надминување на пречките натрупувани со години.

„Кога секој еден човек ќе остане сам со себе и ќе започне да мисли малку повозвишено ќе ја разбере длабочината и потребата од еден таков соживот. Тоа не доближува до односите кои што треба да ги има меѓу граѓаните на двете држави“, вели Воденичаров.

Според него, се разбира дека тоа бара мудрост на двете цркви за да се стигне до еден таков акт. Иако, како што вели, не ги познава добро правилата на црковната дејност и какви чекори треба да се направат, додава дека треба да се надеваме дека ќе надвладее мудроста и чувството за отвореност кон народите.

„Ова е еден историски момент и ако се направи таков чекор, тоа ќе влезе во историјата, а луѓето кои учествуваат во тоа, ќе влезат со светли имиња во историјата. Можеби треба на таков начин да им се пристапи на политичарите да одделат малку време за решавање на таквите прашања и да потпомогнат еден таков процес.

Натрупаните недорзбирања меѓу Бугарија и република Македонија се наметнати однадвор. Тие не никнале меѓу двете држави и меѓу граѓаните на двете држави. Треба колку што е можно побрзо да се надминат тие недоразбирања, зашто кога сме заедно, кога работиме заедно, ќе бидеме поуспешни и позаштитени“, порачува Воденичаров.