Во навечерието на празникот на св.Партениј Лампсакиски

Си примил Божествена благодат на чудеса, свет и богомудар оче Партение, чудотворецу и богоносче, на сите верни страстите ги очистуваш, духовите на лукавството оче ги изгонуваш, заради тоа те воспеваме како голем тајник на Божјата благодат.

Кондак на светителот

Овој голем светител, кој по Божја промисла бил избран за епископ Лампсакиски, направил навистина големи дела за својот народ: го исчистил градот од незнабоштвото, храмовите идолопоклонички ги затворил, многу цркви изградил и благочестието го утврдил. Со молитва лекувал болни и имал особено силна власт врз лошите духови. Подвизувајќи се ревносно до крајот на животот, тој на дело ја извршил заповедта: „Возљуби Го Господа твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила, со сите свои помисли, и возљуби го својот ближен како себеси“.

 

Не случајно игуменот на свештениот Бигорски манастир, архимандрит Партениј, го носи неговото свето име, одразувајќи ја во својот живот и дело девствената чистота, која ова име ја означува. Подобно на светиот Партениј и нашиот старец силно Го возљуби Бога и во секој поглед се труди да го следи светиот пример на својот молитвен заштитник, работејќи за јакнење на верата кај нашиот народ, духовно градејќи и неизмерно љубејќи ги сите. Можеби и затоа споменот на овој голем светител торжествено се одбележува во Бигорскиот манастир, а годинава и уште повеќе, бидејќи Божјата промисла уреди овој ден да се совпадне со денот кога се потсетуваме на еден многу трогателен приказ за неизмерната Божја љубов и милосрдие, кое во своите татковски прегратки го прима покајаниот грешник, блудниот син.

 

Воден од таа Божја љубов, и нашиот старец ги рашири рацете за да ги прими во своите прегратки многубројните чеда, кои со радост притекнаа во манастирот за да му возвратат на својот духовен татко за неговата пожртвувана љубов, со која духовно ги раѓа, грижливо раководејќи ги и трудејќи се да ги приведе при небесниот Отец. И навистина, зарем има поубава глетка, од таа кога дечињата ќе се соберат околу својот татко, сакајќи да се нахранат од неговите спасителни поуки, да се утврдат на патот на покајанието и да ги споделат со него своите радости и таги. Таа силна взаемна љубов е како огнозрачна светлина во денешниот секуларен мрак.

 

Затоа, чувствувајќи ја немоќта да одговорат на таквата небесна љубов и духовна грижа на својот пастир, многубројните чеда решија да побараат помош од Онаа која го држи во своите прегратки целиот наш слаб и грешен човечки род. Така, ползувајќи го мигот по свечената вечерна богослужба, тие упатија заедничка молитва кон нашата премилостива Заштитничка и Застапничка, сплотувајќи ги сите срца во една силна молитвена воздишка, за Богомајката да го чува и укрепува нивниот старец:

 

О, преблага наша Мајчице, радост и утехо на монашките срца, брза помошничке на оние што во молитва те призиваат, нежен Покрову на девствениците, Царице наша и Дарителке! Посети нè сега, во овој миг, чуј го молитвениот трепет на нашите души и спомни си за нашиот возљубен старец, многустрадалниот твој слуга Партениј, кој како избран сад и благословено гранче, се отсече од светот и се засади во твојата света Атонска градина, па подражавајќи те тебе – најпрекрасен Цвету на девственоста – ја возљуби чистотата и се даде себеси за слава на твојот Син и во служба на своите чеда.

 

Ти ги знаеш, Милостива, сите негови непроспиени ноќи, поминати во молитва за нас, немоќните и грешни негови деца; тебе ти се познати и неговите солзи, пролеани заради нашите болки и за сите страдалници во светот. Не се сокриени од тебе и неговите тајни подвизи, многубројни жртви и постојани доброчинства, а ние, пак, како духовни младенци, со очи затворени за тајниот живот на срцето, Го славиме Бога и за она видливото: неуморниот труд и огнената ревност за светиот Божји храм, та Бигорското светилиште, под неговата непрестајна грижа, расне и се издигнува како тврдина и непрестајно се украсува во чест на неискажливата слава на твојот пресвет Син и наш Господ, Исус Христос.

 

И сега те молиме, погледни на нас со твојaта мајчинсkа благост, Владичице, зашто многубројни се слабостите наши, што нашето мило старче од љубов ги зеде на себе и ги понесе; и не се мали гревовните рани што он ги исцели, покривајќи ги со мелемот на своите богопросветлени и благодатни слова. Биди милостива кон нас, неговите и твои чеда, прими ги нашите недостојни молитви и покриј го со твојата благодат нашиот свет пастир. Пресвета Богородице, Мајко на Христа Бога, Ти знаеш дека ние сме немоќни да возвратиме на преголемата љубов што нашиот старец ни ја дава, зашто неговaта грижа кон нас ја надминува мајчинската и преминува во небесна; знаеш, исто така, колку е тешко кога некој на љубовта нема да одговори со љубов, затоа, Пречиста, прегрни го ти со твојата мајчинска прегратка и надополни го она што ние не можеме да го направиме. Чувај го во искушенијата, во подвизите укрепи го, од нападите на непријателот закрили го и со својата нежна љубов храни го, зашто тој на тебе се надева, тебе ти служи, тебе те воспева, тебе ти се радува и твојот благослов го бара, молејќи те да го умилостивиш својот Син и Бог да му подари сила, додека поднесува удари и трпеливо се искачува на гората на искушенијата, носејќи го крстот за сите нас.

 

По неговите свети молитви удостој нѐ и нас, незаслужните и неблагодарните, со твојaта небесна благодат, отвори ни ги духовните очи за да можеме подобро да ги разбираме и примаме неговите поуки, да се научиме на неговото смирение, послушанието кон него да зацари во нашите срца и да го подражаваме неговиот свет живот. Во Твоето мајчинско срце постојано нека пребива нашиот отец и грижата кон него не заборавај ја. И направи во нашата татковина да завладее науката на Синот твој, а овој наш манастир да биде силен и неразрушлив бедем на вистинската вера, за во него духовно да раснеме и достојно на Христа да Му служиме, радувајќи го нашиот старец и славејќи го Бога во сите векови. Амин!

 

За големиот број на гости, кои за оваа прилика пристигнаа во манастирот од сите страни, пожртвуваните монаси приредија богата и вкусна закуска, гостољубиво трудејќи се сите да се почувствуваат како дома, како членови на едно големо семејство во кое царува слогата и неизмерната љубов.