Поклонение на Крстното Дрво на средината од Постот

Напој нè, Господи, од изворот на светоста Твоја, сега, кога на половината од патот до Страдањата и Воскресението Твое малаксуваат нашите души, изнемоштуваат духовните ни сили; обогати не нас, духовно осиромашените, со богатството на Твојата благодат; Како Благ и Човекољубец дај ни лек што ќе го востанови нарушеното здравје на нашите душите; преку Тебе да се очистат нашите скверности; од Твоите сокровишта на милоста да бидат исплатени гревовните ни долгови. Господи, Твоите патеки се исполнети со мир; славата Ти е во смирението. Верата во Тебе, Спасителе, Кој слезе од небото, во себе носи блаженство. Страданијата Твои за нас се источник на добрини, а Крстот Твој – победнички венец!

Токму него, Крстот сечесен и спасителен, денес во торжество го празнуваме; него, сељубезниот, со благоговение го целиваме; нему, животворниот, смирено му се поклонуваме. Третата недела од Великиот и Свет Пост за нашите обители и многубројните верни е можност да ја искажат сета своја љубов и благодарност кон тоа спасително Дрво, на кое Христос, страдајќи, со смртта Своја смртта ја победи. И сè вчера и денес беше во духот на таа љубов кон Крстот Христов: и ноќното бдение, и Света Литургија, тајноводена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и водосветот во манастирската фијала, и заедничката трпеза…

А сега останува во тој дух да ги поминеме и останатите денови од посното поприште, за неосудено да се поклониме на славното Воскресение:

„Браќа и сестри, откако ги преполовивме овие свети посни денови, да се зарадуваме духовно, поклонувајќи се на Чесниот Крст и, откако се насладивме од него, да се подвизуваме, и во текот на другите денови до Христовите страдања, чистејќи си ги телата и душите, просветлувајќи се со пречистите молитви, и да стигнеме непорочни до Воскресението Господово“ (Од поуката за Третата недела од Постот на Светиот Отец наш Климент, Архиепископ Охридски).