Вознесение Господово

 

Сите луѓе, песна победничка да Му запееме на Христа, Кој се вознесе во слава на плеќите херувимски, за да нѐ стави нас со Себе од десната страна на Отецот, зашто се прослави.

Од Канонот на Вознесение

Вознесението на Спасителот е јавување на Неговата Божествена слава. Он пребиваше со Бога Отецот како Син Божји, сега Он пребива со Отецот и како Син Човечки. Бидејќи се вознесе на небо, Оној Којшто го имаше небото во Себе. И навистина никој не може да се вознесе на небесата, освен оној во кого е небото и никој не може да падне во адот, освен оној во кого е адот, вели Св. Николај Велимирович. И сега бидејќи Христос веќе слезе кај нас, сега ние сме должни да се искачуваме кон Него. Оти според Св. Максим Исповедник, токму тоа и ни го сведочи овој светол празник, покажувајќи ни го отворениот пат кон небесата. Небото отсекогаш било символ на божественото величие и слава. Но Христос ги соедини небото и земјата, одново отворајќи ни го патот кон Бога. Ние треба само да се искачиме по духовните скалила на лествицата кои ни ги покажа Самиот Господ Исус Христос. Вознесувајќи се на небо Христос нѐ повикува да Го следиме. Но не по некое извесно време, туку сега. Он ни вели: „Издигни се над сѐ она коешто те оддалечува од љубовта Божја, победи го гревот во себе, твоите слабости, умножи ги талантите, покажи љубов и милосрдие“. Нашите гревови Го вознесоа Христа на Крст, но Бог Го вознесе Христа во величието на Својата слава. И сега Господ сака да ја сподели таа слава со нас, затоа нека овој празник ни биде потсетник за нашето лично Вознесение и влез во Царството Божјо.

Торжеството што започна претходниот ден со благодатната Литургија во битушкиот храм на Свв. Кирил и Методиј, продолжи и денес во нашите две светилишта, заменувајќи ја Пасхалната радост со радоста на Христовото Вознесение. Возвишените стихови на богопросветлените црковни поети неодоливо ја внесуваа оваа небесна димензија во душите на присутните, издигнувајќи ги онаму каде што учениците со поглед Го следеа Христа, Кога ги благослови и се вознесе во царството на Својот Отец од каде што и слезе. И откако присутните во срцето ги примија со радосна надеж ветувањата на нашиот Господ, тие се причестија со Светите Тајни очекувајќи го мигот кога според ветувањето Негово, ќе им биде испратен Светиот Дух, како некогаш на Апостолите.

Господи Сесвет, Ти Кој денес во слава се вознесе на небесата покажувајќи ни го патот, очисти ги нашите срца и издигни го нашиот ум над секоја земна грижа, за да можеме на денот на слегувањето на Светиот Дух, да бидеме достојни садови за Неговата неискажлива благодат.