Задушница

Колку чудесни созданија сме ние, луѓето! Во нас, на еден таинствен за нас начин се соединети две димензии: душевната и телесната. И додека сме на земјата, живееме за да ги задоволиме потребите и на своето тело и на душата своја. Ние сме присутни во овој свет и век, и се трудиме да постигнеме многу нешта, копнееме по промени во сѐ што нѐ опкружува и веруваме дека сиот живот ни е на дланка. Да, така е! Секој човек верува дека може да стори многу и се грижи да го направи животот поквалитетен, поубав, покомфорен. Но, сепак, најважното прашање кое секој од нас треба да си го постави е дали доволно сме се потрудиле околу спасението на нашата душа, зашто во мигот кога нашето биолошко постоење ќе биде донесено до својот неминовен крај, тогаш животот на душата продолжува, со таа разлика што нејзината состојба веќе не ќе  може во многу да се промени. Затоа уште сега, додека е уште ден, да положиме непосрамлива надеж во добриот Бог, дека кога ќе дојде смртниот час, бидејќи вкусот на смртта нема да нѐ одмине, и ние ќе се населиме во место мирно, блажено, место на спокој, каде што нема никаква тага, ни болка, ни воздишка, но живот бесконечен.

Затоа денес, нашите Свештени Обители – Бигорската, Рајчичката, Пречистанската и Кнежинската – низ прекрасните умилителни стихови, смирено го упатија својот молитвен поглед кон починатите чеда на Светата Црква, нашите ближни, кои исполнети со надеж во милоста Божја го напуштија овој свет, преселувајќи се во другата, духовната реалност што ние не ја гледаме, но толку силно ја чувствуваме. Молитвено стоејќи пред благиот Господ, браќата и сестрите, заедно со Старецот, Архимандрит Партениј, усрдно просеа Он да се погрижи за нашите најблиски, отци, браќа и сестри да бидат населени во местото каде што во спокој пребиваат праведниците. Видно трогнати од длабочината на оваа богослужба, сите заедно бараа: Со Светиите упокој ги, Христе, душите на Твоите раби.