Спомен на преподобниот и богоносен отец наш Наум Охридски Чудотворец

Денес се јави нашиот отец и голем застапник, и просветител, светлиот Наум. Пријдете да се собереме, мноштва мизиски и да му се радуваме, бидејќи тој сите нас нѐ просветли и мракот на прелеста го разруши. Тој Го следеше Христа и себе се предаде за благопријатна жртва. Тој и неговиот многуславен спомен и празник, сега на сите верни им предлага духовна гозба. Затоа со љубов да го прославиме.

(Икос од Канонот на свети Наум)

 

Бројни се и неизмерни чудата, а уште поголеми делата со кои великиот Наум ги задолжи мизиските народи, оти тој ги огреа сите со светлината на Евангелието, им ги стопли душите со зборовите на љубовта и ги облагороди срцата со чистотата на верата. Разгорен со љубовта Христова, тој беше како силен факел кој поведе многумина од мракот на незнаењето кон светлината на богопознанието, и стана моќен светилник на славната Охридска Архиепископија, која и до ден денес свето го чува неговиот спомен и торжествено го слави неговиот празник. А како да не го славиме со благодарност, оној кој дење и ноќе неуморно го сееше семето на благочестието среде диви и трнливи предели, и сега горе од небото се радува заедно со нас на своите слатки плодови. Блажената смрт на праведникот е празник за народот, па затоа Синодот на Охридската Архиепископија во времето на Архиепископот Јоасаф, сметајќи го за недоволно празнувањето на неговото упокојување на 23 декември /05 јануари, покрај главниот спомен кој се слави во зима, одредил уште еден, летен спомен на Преподобниот, за сите верни кои не можат во зимски услови да дојдат, барем во лето да дојдат и да му се поклонат. Колкава била почитта кон ова славно светило се гледа во пастирското послание на охридскиот архиепископ Јоасаф, кое е во врска со воведувањето на летниот спомен на Преподобен Наум Охридски на 20 јуни/03 јули: „Затоа секој што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот, нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцеленија ‒ да прими благодат и светост на телото и душата, зашто чудата и благодатта на светиот и богоносен отец наш Наум Чудотворец, толку се многубројни, та ги надминуваат и множеството ѕвезди…“

Монашкото братство и сестринствата на Бигорската обител, како негови духовни рожби, со љубов си спомнаа за завештанието на Преподобниот, одржано низ вековите преку неговата мила Охридска Архиепископија и му ги упатија своите скромни молитви, барајќи го неговото застапништво за нашата света Црква да биде примена во заедницата на останатите сестри Цркви.