Пофалбите за торжествената манастирска слава во Бигорски не стивнуваат

И после два дена од Иванден, Бигорскиoт Манастир останува центар на вниманието за верниците и медиумите од земјата и пошироко.

Бигорскиот манастир којшто го носи името на великиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов – Јован, и после Иванден, продолжува да бележи бројни посети на верници коишто поединечно или во организирани групи, доаѓаат од земјава и странство, за да му се поклонат и помолат на Светителот чија чудотворна икона, со векови твори чудеса. Велелепната икона на „најголемиот меѓу родените од жена“ – Св.Јован Крстител, со којашто впрочем и започнува историјата на Манастирот, со својата грандиозна убавина и исцелителна моќ, предизвикува воздишки и молитвено расположение кај сите. Болните се молат за здравје, здравите за мир во душите и благостостојба во домот и татковината, а неплодните за пород. Свети Јован ги услишува молитвите на сите кои му пристапуват со силна вера и покајание.

Бигорската чудотворна икона

Верниците кои го посетија Бигорски за време саботната манастирска слава, се’уште се под силни импресии од благодатта по сеноќното бдение со кое чиноначалствуваше митрополитот Брегалнички г. Иларион, и од Светата архиерејска празнична Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Брегалнички г.Иларион и Епископот хераклејски – г. Климент.

Втора година по ред, специјални гости на манастирската слава беа хористите од прочуениот грчки хор при храмот „Свети Пантелејмон“ – Атина, под раководство на протопсалтот Илија Редијадис Тумбас, кој за медиумите изјави: „Ние, како и минатата година кога дојдовме, така и оваа, се чувствуваме како да сме во наш дом, бидејќи најнапред раздалеченоста е блиска, а тука се, и заедничките традиции. Единственото нешто што нѐ разликува едни од други е јазикот, но тоа нема никаква важност“.

Во својата беседа, игуменот на Бигорската Света Обител, архимандрит Партениј, пред присутните истакна:

Нека семоќниот Бог Промислител ги умножи силите на сите оние коишто ѝ мислат добро на едната, света и соборна Црква, за најпосле, да биде исцелена болката што со децении ја мачи правоверната паства на Охридската архиепископија! Зашто голема рана е за нас, продолжувачите на охридската црковна традиција, тоа што Охридската архиепископија, со која православниот народ одовде е органски сврзан со вековни врски, е сѐ уште надвор од сеправославното семејство.

Меѓу големиот број верници, гостин на Бигорската Свештена Обител, беше и Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, кој на Архимандрит Партениј му подари резба со ликот на Свети Јован Дебранин, првиот Архиепископ Охридски. 

Свештена Бигорска Обител беше почестена и со посета од професори и студенти од Теолошкиот факултет при Аристотеловиот Универзитет во Солун, кои деновиве остваруваат поклоничко патување на македонските светињи. Водачи на групата беа господата Василиос Кукусас и Јоанис Бакас – еминентни професори и особени познавачи на црковната историја, со многу издадени трудови, главно од областа на општата црковна историја и нејзините извори, како и од областа на историјата на помесните Православни Цркви, а поконкретно на древните Патријаршии.

Откако пристигнаа во Бигорски и се поклонија на светињите, гостите се придружија на свечениот празничен прием, изразувајќи го своето нескриено задоволство што ја гледаат вистинската, жива Црква во насобраното мноштво народ за манастирската слава. Освен тоа, неофицијално беа разменети и мненија за актуелните црковни прашања, со што од двете страни беа изразени недвосмислени желби и верувања дека наскоро ќе биде најден клуч за разврска на проблемот што со децении ја измачува нашата Црква.

Во чест на сечесниот спомен на Рождеството на Св.Јован Крстител – патронот на манастирот, започна да функционира и англиска верзија на манастирскиот сајт bigorski.org.mk

Сите содржини што се однесуваат на манастирот, сега светот ќе може да ги чита и на англиски.

Во продолжение, и видео инсерти од денот на манастирската слава, како и изјави на дел од гостите и братството на Бигорски.