Посета од професори и постдипломци од Аристотеловиот Универзитет во Солун

На денот на манастирската слава, Рождество на свети Јован Крстител, нашата Свештена Обител беше почестена со посета од професори и студенти, меѓу кои и свештеници, на постдипломската програма „Грција: Црковна историја и култура“, кои деновиве остваруваат поклоничко патување на македонските светињи.

Водачи на групата постдипломци беа професорите по Црковна историја на Пастирско-општествениот отсек на Теолошкиот факултет при Аристотеловиот Универзитет во Солун, господата Василиос Кукусас и Јоанис Бакас. Двајцата важат за еминентни професори и особени познавачи на црковната историја, со многу издадени трудови, главно од областа на општата црковна историја и нејзините извори, како и од областа на историјата на помесните Православни Цркви, а поконкретно на древните Патријаршии.

Откако пристигнаа во нашата Света Обител од Скопје, почитуваните гости се поклонија на нашите светињи, па ни се придружија на свечениот, празничен прием во Големиот Синодикон, при што разменија поздрави со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј и Неговото Високопреподобие Архимандрит г. Партениј, изразувајќи го своето нескриено задоволство што ја гледаат вистинската, жива Црква во насобраното мноштво народ за манастирската слава. Освен тоа, неофицијално беа разменети и мненија за актуелните црковни прашања, со тоа што од двете страни беа изразени недвосмислени желби и верувања дека наскоро ќе биде најден клуч за разврска на проблемот што со децении ја измачува нашата Црква.