Спомен на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле

Денес сета вселена, и Истокот и Западот, и небото и земјата, со сечесна почест стојат пред славниот спомен на великите два светилници, Петар преславниот и Павле богомудриот, кои со огнот на Духот Божествен лагата идолска ја изгореа и со вистината на благочестието засветлија. Овие пресветли ѕвезди на Црквата Христова и на вселената учители, првини од Светиите, се застапуваат непрестајно пред Бога, давајќи ни мир во срцата наши и измолувајќи милост Божја за нас. Овие двајца корифеи, како и останатите апостоли, ја усвоиле до крајност љубовта Божја и ја предаваат на сите што неа ја бараат. И токму поради неа – љубовта, станаа темели на Црквата наша, држејќи ја нејзината градба толку цврсто, што „ни вратите на адот нема да ја надвладеат“.

Во спомен на овие двајца свети, славни и првоврховни Апостоли, и Бигорската Обител, следејќи го повикот на Црквата – да се соберат верните во „богофално и красно собрание“, на вчерашното бдение им исплете „пофални венци од духовни песни“ на Божествените Христови ученици и столбови на Црквата. А тие, пак, нашите секогаш будни и ревносни молитвеници пред престолот на Света Троица, не изоставија да измолат за нас голема Божја благодат и радост духовна, особено на денешната Света Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот Старец, Архимандрит Партениј. Вистински подарок за нас од Светите Апостоли беше и тоа што, освен браќата јеромонаси, со Старецот на Литургијата сослужуваа и нашите драгоцени пријатели: отец Рафаил Комерс, православен свештеник од Холандија, и отец Емил Атанасов од Пробиштип.

На вишниот Ерусалим граѓани, камења на верата, говорници на Црквата Христова, двојка на Троица, ловци на светот, кои со страдање си заминавте при Бога, молете Го Него да ги спаси нашите души.