Заврши шестиот летен камп по Веронаука

Деновиве бевме сведоци на тоа како дружбата во Христа ги зближува луѓето од различни градови. Овој пат заедно со нас другаруваа педесетина деца од Тетово, Куманово и Скопје, коишто за првпат имаа можност да се запознаат со убавините на нашите две свештени Обители. И беше прекрасно да се гледа радоста на нивните лица, да се учествува во нивните чисти молитви вознесени кон Бога, да се чувствува како нивните души се преобразуваат допрени од Божјата љубов. Благословот на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, секој ден ги водеше и поткрепуваше низ тајните на ова духовно патување, низ послушанијата, дружбата, Литургијата, откривајќи им ја длабочината на Божјата добрина кон нас, Неговите деца… И сето тоа се преточи во овие прекрасни зборови кои се излеаја од нивните срца:

Мартин Сибиновски, 15 години: „Најпрвин му се зблагодарувам на отецот Партениј што нè прими и што нè сака премногу и што ни овозможи да научиме повеќе за Бога и за верата. Тука во манастирот е премногу убаво. Не се опишуваат со зборови ваквите прекрасни мигови. Монасите се многу добри со нас и ни помагаат во сè, нè поучуваат за сите работи. Овие четири дена што ги поминав тука многу научив за Бога, за верата, како правилно да се однесувам во Црква, многу молитви и тропари. Во овие денови што престојував овде, најповеќе ми се допаднаа прошетките низ овоштарникот, правењето лепче и тоа што помагав во сè. Тука е прекрасно и се надевам дека ќе се видиме и следната година. Да сме живи и здрави“.

Христијан Богдановски, 15 години: „Првпат доаѓам на ова прекрасно место и еве сега заминувам, а веќе мислам на моето повторно доаѓање тука. Дури и сите можни епитети да ги употребам за да искажам колку го засакав ова место – нема да се доволни. Таа преубава градба, мирисот кој се разлева насекаде од моштите на светителите, магичниот звук на камбаните, вредните монаси со своето послушание… сето тоа дава некое топло чувство на љубов и сигурност. Тука монасите се исполнети со љубов, нивните лица зрачат од добрина. Исто така манастирот ги има најдобрите псалти, воопшто на овие простори. Сакам искрено да му се заблагодарам на игуменот на манастирот, отец Партениј, што ни дозволи и ние децата да ги видиме и почувствуваме убавините на Бигорски. Но, огромна благодарност и до монасите кои ни ги направија овие неколку дена најубави во животот. Слава на Бога за сè“.

Исидора Димитриевска, 15 години: „Уште на влегување во манастирот Св. Георгиј Победоносец ме облеа една чудесна топлина во срцето. И секој ден душата сè повеќе и повеќе ми се исполнуваше. Сестрите кон нас се однесуваа прекрасно, навистина ова е едно прекрасно место полно со љубов и благодат која на Литургијата се чувствуваше во воздухот. Сега си одам, но засекогаш во срцето ќе ми останат сестрите, нивните насмевки живот вредат“.

Мила Денчиќ, 10 години: „Никаде не сум почувствувала толку љубов и мир како овие дена во Рајчица. Сестрите нè учеа за Бога и за тоа како да постапуваме во животот. Песните што ги научивме за Светиите и Господ ги пеевме од срце. Но најубаво ми беше на Литургијата зашто сите се молевме за наше спасение. Им благодарам на сите сестри и на Господ за убавите доживувања во Рајчица“.

Матеја Богдановска, 10 години: „Поминавме прекрасни неколку дена во манастирот Св. Георгиј Победоносец. Сестрите се предобри, кога зборувате со нив ви го исполнуваат срцето со љубов и секој нов ден со нив е радост. Литургиите беа рај за душата, исполнети со милиот глас на сестрите. Часовите ни беа прекрасни, а за мене Веронауката беше најинтересна“.

Илина Краљевска, 11 години: „Овие неколку дена во манастирот Св. Георгиј Победоносец си поминав прекрасно. Сестрите беа толку добри и сè беше убаво. Секој ден со радост и среќа ја дочекував Литургијата. Прекрасниот глас на сестрите ми ја полнеше душата со милина и љубов. Се радувам оти и ние учевме да пееме“.