Изработена плаштаница за храмот „Св. Никола Мирликијски“ во Скопје

Изработката на плаштаници е древно и многу благородно занимање. Плаштаницата го символизира Христовото тело положено во гробот и ова везено платно, украсено со Христовиот лик прекрасно го надополнува благолепието во храмот  во најсветите моменти од богослужбата на Велики Петок. Рајчичкиот манастир на свети Георгиј Победоносец, кој веќе има изработено неколку плаштаници, во изминатиов период на Великиот Пост со посебна љубов се посвети на изработката на златовезена плаштаница и за храмот посветен на св. Николај Мирликиски Чудотворец во населбата Аеродром, Скопје. Иако овој храм е просторно мал, сепак, живиот храм е голем по својата ревност кон верата и Светото Предание. Така и во оваа благочестива намера да се поседува ваква реликвија, се покажува љубовта кон благолепието на свештенослужителот и народот Божји кој се црквува при храмот, а која е резултат на живото сведоштво од времето поминато при личноста на нашиот возљубен Старец, архимандрит Партениј, во прекрасниот амбиент на Бигорскиот манастир. Плаштаницата е личен дар од благочестивото семејство Стефановски од Скопје, за свештенослужителот при споменатиот храм во Аеродром, богопредадениот отец Бобан Митевски. Овој ревносен свештеник, познавајќи ја особената љубов кон благолепието на браќата и сестрите од нашите Обители, а и посветеноста со вера и молитва да се изработуваат вакви свештени предмети за потребите на Црквата, посака токму од Рајчичката Обител да се нарача оваа раскошно навезена реликвија.

Обителта му е благодарна на отец Бобан, што ја удостои во овие свети денови на Великиот Пост, работејќи на оваа плаштаница, постојано да се потсетува на Крстните страдања на нашиот човекољубив Господ.

Плаштаница со Христовото тело положено во гробот – навезена реликвија од Рајчичката Обител