Благовеста на Лазаревото воскресение

Сожалувајќи се на солзите на Марта и Марија, си заповедал да го тргнат каменот од Гробот, Христе Боже; со Твојот повик го воскресна мртовецот, Ти Кој на светот му даваш живот, утврдувајќи ја со Себе верата во Воскресението. Слава на Твојата сила, Спасителу, слава на власта Твоја, слава Ти Тебе, Кој со Својот збор си создал сѐ.

(Седален на Утрената)

 

Денес во ликот на Лазара, Црквата благовести за Воскресението. Првиот Адам, оддалечен со гревот од лицето Божјо, пребиваше во сенката на смртта. Новиот Адам, Синот Човечки, покажува дека човекот во присуството Божјо, може да претрпи сѐ – и страдање, и смрт. Не може смртта да е посилна кога сме со Оној Кој ја победи смртта. Ете, од денешното евангелие зрачи прекрасно знамение, знак на победа, четиридневниот Лазар стана од смртта. Но, оваа победа ни се дава само кога сме во совршено единство со Бога, оти Самиот Христос сега станува знак на победата Божја. И иако сѐ уште не ја празнуваме Пасхата, сепак, пееме: „Откако го видовме Христовото Воскресение“. Ја благовестиме однапред онаа реалност која е подлабока од секое друго знаење – влегувањето човечко во животот на Самиот Бог каде што нема веќе смрт!  

Бог никогаш не отсуствува од оној што целосно Му се предава. Но, нашиот краток живот покажува дека ние, кои сме неверни и непостојани, Го оставаме Бога. Всушност, човекот не престанува да отсуствува, тој отсуствува и од самиот себе, се губи себе, исчезнува во настаните и во материјалните нешта. Затоа и Христос дојде кај нас, Он слезе и ни се даде за да можеме да Го познаеме и да се познаеме себеси во Него. Оти само кога сме во Него, не е можно да бидеме надвор од себе.

Низ прекрасните стихири и вдахновените слова на светите отци Бигорската обител одново си спомна за радосниот и благонадежен настан кога Христос го воскресна од гробот љубениот пријател, четиридневниот Лазар. Сега на прагот на Страсната Седмица колку само радост буди ова благовестие на Црквата дека постои воскресение, дека човекот е повикан на воскресение и вечен живот, дека Христос  има власт да нè воскресне сите и тоа го докажа повикувајќи го Лазара од прегратките на адот,  само со зборот од устата Своја. “Лазаре стани”, изговори устата на Спасителот и мртовецот оживеа, излезе од гробот, завиткан во својата погребна облека, на радост и утеха на Марта и Марија. Славејќи го ова воскресение пред самото Христово Воскресение монасите и присутните ги упатија своите молитви кон сештедриот Избавител на родот наш да им дарува удел во своите претстојни страдања, за да имаат удел и во Неговото блескаво Воскресение.