Поклонение на Светите Метеори (прв дел)

Со благослов на нашиот возљубен старец и монашки родител, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, и со благослов на нашиот почитуван митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, во деновите од 3 до 5 јуни целото наше монашко братство беше удостоено на поклоничко патување во Светите Метеори и во манастирот на преподобниот Никанор – Заворда. Во тоа свештено поклонение имаше нешто длабоко татковско и нежно: како да посака и нас, своите духовни чеда, да нѐ одведе по истите свети патеки по кои и самиот некогаш одел, за и ние да се напоиме од истата благодат, да се поклониме на истите светињи и да се збогатиме со истото монашко искуство што неговото срце го носело со децении.

Метеорите. Самото име кажува сѐ: μετέωρα – „висечки“, „возвишени меѓу небото и земјата“. Така, велат, ја нарекол својата карпа и првиот меѓу тамошните подвижници, преподобниот Атанасиј Метеорски, кога во средината на 14. век се искачил на огромниот Широк Камен (Πλατὺς Λίθος) и таму, по углед на светогорското општежитие, ја положил основата на организираното монаштво во тој крај, во тоа природно засолниште од османлиските наезди. Пред него, по пукнатините и пештерите на овие камени исполини веќе се подвизувале испосници и пустиножители; по него, врвовите еден по еден се накитиле со обители, како со кандила запалени меѓу земјата и небото.

Неслучајно најголемиот дел од тие чудесни светињи се посветени на Преображението Господово. Зашто и самиот изглед на Метеорите е проповед: каменот, карпата, најтешкото и најземско нешто, се возвишил нагоре и застанал пред лицето на Божјите височини – слика на човекот кој, со подвиг и благодат, од прав земен, се воздига кон Таворската светлина. Кога Господ се преобрази на Тавор, ги изведе учениците „на висока гора, насамо“ (Матеј 17, 1); и овие камени гори се токму едно „насамо“ – повик кон секоја душа да се искачи над рамнината на секојдневието и да Го види Христа во Неговата величествена слава.

Со таа желба, не како патници туку како поклоници, нашето братство, предводено од својот сакан Старец, тргна нагоре. Во деновите коишто следуваа, Господ нѐ удостои да се поклониме на бесценети светињи, да се сретнеме со богоносни отци и сестри, и да вкусиме од она гостољубие коешто и денес, како во сеницата на Авраам, Го прима Самиот Бог во лицето на гостинот. Во деловите што следуваат, ќе ве поведеме со нас, обител по обител, светиња по светиња.

Манастирот „Свети Стефан“

Во четвртокот утрото, на 4 јуни, ја посетивме првата светиња од нашето поклоничко патување –манастирот на Свети Стефан, единствен меѓу метеорските манастири којшто не се крие на врв на непристапна карпа, туку, на јужниот раб над Каламбака, се отвора кон поклоникот преку едно мало камено мовче. Како светиот Првомаченик чиешто име го носи да сакал да биде поблиску до луѓето, на дофат на секого.

Манастирот „Свети Стефан“, Метеори
Манастирот „Свети Стефан“, Метеори

Манастирот своите почетоци ги влече уште од подвижниците коишто се населиле овде во далечните векови, а како негови ктитори се почитуваат преподобниот Антониј (од почетокот на 15. век) и преподобниот Филотеј (16. век), којшто го обновил стариот соборен храм во 1545 година. Тој стар храм, посветен на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, е мал и низок, речиси приклонет и вдлабен во самата карпа – градба и камен сраснати во едно, како што и монашкиот живот е сраснување на човечкото со божественото. Поголемиот и понов соборен храм е подигнат во 1798 година и е посветен на светиот свештеномаченик Харалампиј, вториот покровител на обителта. Неговата чесна глава во неа е донесена уште во 1398 година, како дар од влашкиот војвода Владислав, и оттогаш до денес е извор на исцеленија и заштита, по молитвите на светиот и чудесен Харалампиј, највозрасниот меѓу мачениците, кој пострадал за Христа во длабока старост.

Во соборниот храм со благоговение се поклонивме на чесната глава на светиот Харалампиј, а потоа го посетивме и параклисот во изградба на светата Клаудија. Со старицата Христонимфи, игуменија на обителта на Свети Стефан, имавме срдечен синаксис, во којшто љубовта на сестринството нѐ облагороди уште на самиот почеток од поклонението.

А додека се наоѓавме во манастирот на Првомаченикот, се сетивме на она што го видел тој во часот на своето мачеништво: „Еве, ги гледам небесата отворени“ (Дела 7, 56), и Господа Христа како стои оддесно на Бога Отецот. Не е ли тоа целта на секое поклонение и на секој монашки подвиг: да ни се отворат небесата, барем за миг, и да Го здогледаме Оној Кого Го возљубивме?