Заврши осмиот летен камп по Веронаука во манастирот Рајчица

Има ли нешто поубаво од благодарноста? Има ли нешто поважно и поголемо од послушноста, трпеливоста, љубовта, искреноста, простувањето? Навистина голема е радоста кога ќе се сретнат млади личности што се трудат да ги усвојат токму овие доблести, кои ги украсуваат нивните прекрасни души и го засилуваат толку потребниот духовен имунитет. На големо задоволство, деновиве во нашиот манастир посветен на Светиот Георгиј Победоносец, гостуваа дваесетина девојчиња од Кичево, Битола, Скопје и Гевгелија. Насмевките со кои постојано зрачеа, беспрекорното послушание и трудољубие, ни беа силно сведоштво дека престојот овде за нив е многу важен и остава неизбришлива трага во нивните животи. А за тоа колкава е нивната благодарност кон нашиот Старец за оваа важна мисија, ни пренесуваат впечатоците што со длабока свесност, искреност и љубов ги споделија со нас:

Мартина Момировска, 15 години Битола – Иако многу малку денови, сепак, доволно за да се прераскажат прекрасните доживувања во манастирот. Кога пристигнуваш те пречекуваат ангелските ликови на сестрите. Тие толку топло те прегрнуваат што не сакаш да ги пуштиш. Задоволство ми беше да го почувствувам овој мир, кој нуди и голема дружба. Молитвите ми го даваат потребниот спокој, а ми ја развеселуваат и душата. И уште едно од најубавите нешта кои ми се случија во манастирот беше тоа што се исповедав со што многу си ја олеснив душата. Советите кои ми ги даде отец Партениј ќе ми бидат многу потребни понатаму во животот. Преголемо благодарам на отецот и на монасите кои ги организираат овие кампови.

Емилијана Ризоска, 13 години, Битола – Во близина на планината Бистра се наоѓа овој прекрасен манастир кој е посветен на Свети Георгиј Победоносец. Сум имала можност да го посетувам многу пати, но највозбудливо ми беше токму сега, кога престојував заедно со други девојчиња од повеќе градови во Македонија Во овој манастир човекот се наоѓа поблиску до Бога, овде учиме за љубовта, како да ја пренесуваме во светот околу нас, за трпеливоста, смирението, искреноста. Правевме многу интересни нешта: одевме на часови, изработувавме проекти и уште многу други интересни работи. Секојдневно им помагавме на сестричките, а тие со својата љубов ни ја покажаа Божјата милост. Во овој камп имав можност за прв пат да ја почувствувам најголемата христијанска радост – исповедта. Од сѐ срце му се заблагодарувам на отец Партениј што ми помогна да ја измијам мојата душа, како и на сестричките за оваа убавина. На сите им препорачувам да станат дел од сето ова и да ја доживеат оваа среќа.

Мартина Иваноска, 15 години, Кичево – Едно од најубавите нешта во светот е вербата во Бога. Ние веруваме во Бога и затоа доаѓаме на летен камп по Веронаука во манастирот Рајчица. Тука учиме многу нови нешта и се дружиме со останатите деца кои присуствуваат на кампот. Пет дена ни поминаа за миг: пет дена радост, среќа. И кој е тој што не би сакал да помине барем пет дена во мир и љубов? Овде сестрите ни се обраќаат со блескави насмевки на нивните лица, со љубов и добрина, а ние возвраќаме со послушание. Престојот во манастирот е нешто најубаво, чувство што не се опишува. И ако треба да кажам кое е најубавото место во светот, тогаш еве: Манастирот Свети Георгиј Победоносец – Рајчица.

Анастасија Јаневска 11 години, Скопје – Едвај чекав да дојде 4 август. Кога пристигнав бев многу радосна. Девојчињата од другите градови беа многу фини, добри, друштвени и интересни па на крајот не сакавме да се разделиме. Секој ден ни беше сѐ поинтересен. Манастирот е преубав, има голем двор во кој си игравме, јадењето беше многу вкусно, а сестрите беа предобри и префини. Многу се дружевме, а и погледот беше прекрасен. Ќе се покаев ако не дојдев. Часовите беа многу интересни. Но, да не беше отец Партениј ништо од ова немаше да се случи. За првпат се исповедав кај него и после ми беше многу лесно. Многу сум задоволна и би сакала повторно да дојдам.