Спомен на Светите Седмочисленици и на Светиот Пантелејмон

Мудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови

 

(Изрек. 9,1)

„Со какви похвални венци“ – се прашува денес црковниот поет – „да ги пофалиме Седмочислениците славни, Кирила со Методија, Климента, Наума со Сава и Горазда со Ангеларија, кои Единиот Бог во три Лица нам ни Го возвестија и во верата православна нѐ утврдија“? Овие свештени светлозарни труби на тајните на Духот Свети, ова блескаво соѕвездие на Христовиот светителски небосклон, овие седум непоклатни столбови на сесловенското Православие, и до денес цврсто ја крепат светата Црква и свето ги простветлуваат душите наши. Нивното рамноапостолно дело не се мери според мерилата на овој свет, бидејќи тоа и не е земно, минливо, туку небесно, вечно. Засветли добро нивниот подвиг, како сонце на земјата и на небото, и со своите зраци Божествени ги просветли духовните очи на безброен народ, во познание на трисолнечното Божество, беспочетниот Отец и од пред вековите родениот Син, со Духот Свети Кој од Отца, преку Синот исходи.

Затоа, собрана еднодушно околу својот старец, Архимандрит Партениј, Бигорската Обител, со бдение, во молитви и песнопенија, ја прослави оваа велика слава на Црквата Христова – споменот на светиот великомаченик и целебник Пантелејмон и на Седмочислениците славни, кои откако добриот подвиг храбро го завршија, во небесните селенија совршенството го достигнаа и се застапуваат сега за душите наши.

Предпочетна трисолнечна Светлино незаодна, Троице Пребожествена, Отче, Сине и Божествен Духу, смилувај се, по молитвите на Седмочислениците, на нас кои Ти пееме: „Господи и Боже на отците наши, благословен си“.