„Да дозволиме во нашето срце да продре животворниот глас на Создателот“

Навечерие на Лазарева Сабота

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој ја изврши Својата Божествена мисија на земјата и го исцели човештвото од гревовните рани, за шест дена ќе биде предаден на Неговите свети и спасителни за светот Страдања. Затоа, како една силна потврда за Неговото и за сеопштото Воскресение, го воскресна Својот пријател Лазар од Витанија, кој веќе четврти ден беше во гробот. Го воскресна и за да покаже дека се наближува уништувањето на смртта и обновувањето на човечката природа и на целата твар.

А суштествената сила на Лазаревото воскресение ја почувствуваа на повечерието сите присутни во нашата Бигорска обител, кога нашиот Старец, Архимандрит Партениј, низ солзи и душевен трепет го испеа канонот на овој празник и го искажа своето полно со дух слово:

„Доколку внимававме, мили мои, на зборовите од овој чудесен канон за Лазаревото Воскресение, зборови натопени со огромната милост Божја, секако забележавме што може да направи зборот Божји со човекот, каква животворна сила има тој. Бог некогаш со Својот збор го создал и човекот, според Неговото наличие: рече Бог: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние“ (Битие, 1,26). 

Вечерва и утре си спомнуваме повторно за едно создавачко, или поточно кажано, за пресоздавачко чудо што Словото Божјо го направи во селото Витанија, со Неговиот пријател Лазар. Имено, слушнавме како Спасителот Христос го повика од гробот четиридневниот мртовец, за кого Евангелистот објаснува дека беше веќе и смирисан: мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен (Јован 11,39). Неговиот семоќен, Божествен глас, глас сетворечки и оживувачки, го повика Лазара од смртта и го воскресна. Го воскресна, затоа што Му беше пријател, затоа што Лазар Го љубеше Бога. Но, зарем Бог го љубеше само Лазара? Зар само за Него и за уште неколкумина други се принесе Себеси на жртва, искачувајќи се доброволно на Крстот? Се разбира, Бог го направи тоа за сите, за целото човештво, од неизмерна љубов кон него. Затоа, секој од нас е еден мртов Лазар и пријател Христов, и нашиот предобар Господ, нашиот семилостив Татко небесен, пред Црквата небесна, пред сите ангелски чинови, светии и праведници, честопати за нас со тага воздивнува: Лазар, пријателот наш, заспал… И веднаш, за да покаже дека за Него навистина е сè можно, вклучително и мртов да оживее, но што е уште повозвишено – за да покаже дека безмерно го љуби човекот, додава: но ќе отидам да го разбудам  (Јован 11,11).

Кој би можел да остане рамнодушен пред величието на ова несфатливо човекољубие Божјо! Да се восхитуваме и да Му благодариме постојано на Бога за тоа, да Му благодариме, но и да размислуваме и да се запрашуваме зошто човекот, тоа највозљубено создание Божјо, подлегна на смртта? Зошто човечкиот род го снајде смрт, која е краен израз на најголемата повреда од човекот за Бога? Поради непослушанието, поради неискреноста на човекот кон неговиот небесен Татко. Отецот небесен откако го создаде човекот еднаков на Него по благодат, го опкружи со секакви благодати и, за да ја испита неговата верност и љубов, му даде една мала заповест: „Не прави го тоа. Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш (Битие 2, 16-17). Меѓутоа, човекот не Го послуша Бога и падна. Од живот во светлина и радост падна во мракот и очајот на смртта.

Значи, гревот е тој што нè умртвува, не само телесно, но и уште пострашно – духовно, така што уште додека сме живи, мили мои, ние реално можеме да станеме мртовци. И гробови камени и ладни, полни со смрдеа, гробови кои не сакаат да го слушнат гласот што оживува. Зашто, за да бидеме оживеани, треба да дозволиме во нашето срце да продре животворниот гласот на Создателот, Кој дојде на земјата за да го спаси човекот; Кој, иако бесмртен по природа, се облече во смртно тело за да сочувствува со човекот. Слушнавме вечерва, како во целиот канон, кој самиот по себе е едно чудесно и длабоко толкување на евангелскиот расказ за воскресението на Лазара, колку пати црковниот химнограф нагласил дека Христос просолзи: „Си просолзил, Господи, над Лазара…“, „Си просолзил над пријателот, Спасителе мој…“. Погледнете, најмили мои, погледнете: плаче Бог за човекот, плаче Бог за нас, плаче за секој од нас! Плаче поради бедата во која сме западнале, плаче над гробот од нашето духовно мртвило… Сака да нè оживее! Затоа да не Го повредуваме Бога, да не ѝ дозволиме на смртта уште во овој живот да нè завладее, тако што да станеме нечувствителни гробови; така што да не се разликуваме по ништо од оние кои веќе се вселиле во гробовите, како што и Божествениот Давид се изразил: Се изедначив со оние, што слегуваат во гроб; станав како човек без помош – слободен меѓу мртвите; како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш (Псалм 87,4-5). Да не бидеме безнадежни и мртви за воскресението и животот во Христа. Зашто, верувајте, доколку го слушнеме, доколку му дозволиме на Неговиот глас да продре во нашето битие, ние бездруго ќе воскреснеме во духовна смисла. Таков е Неговиот умилителен, „божествен, љубезен, најсладок“ глас, кој, татковски, секого од нас го повикува: „Излези надвор! Излези надвор од твојата гревовна зачауреност! Излези од твоите страсти, од твојот егоизам, од мртвилото твое! Поправи се! Нека падне слепилото од твојот духовен поглед, та да Го познаеш својот Создател. Отвори го срцето за Мене, Кој единствено вистински те љубам, и не залажувај се со безумствата од овој свет!“ 

Додека го пеев канонот еден тропар ми остави силен впечаток: „До кога, туѓинци, до кога, лажливци, ќе гледате како умрениот на глас воскреснува и на Христа не Му верувате? Навистина, сите вие сте синови на темнината“ (од 3-та песна на канонот). Ова прашање е упатено до светот кој во Божествениот Учител Христос не Го препозна Второто Лице од Троичниот Бог, Коешто слезе и заради истиот тој свет се воплоти. Навистина, доколку човек не го слуша тој воскреснувачки глас, станува туѓинец, лажливец, син на темнината. Таквиот со ништо друго во овој свет не ќе може да се утеши. И од едниот до другиот крај на земјата да оди, па макар и на некоја друга планета за која толку копнее да се качи, тој нема никаде мир да најде без Оној, Кој ја создаде и таа планета, а и целата вселена што за науката сè уште претставува необјаснива енигма, како што е и со сè друго создадено од Него, прекрасниот Творец. А, еве, гледаме, како едно тело, еден човечки организам, толку совршено создаден, кој веќе почнал да се распаѓа, Он само со еден збор го исцелува, го пресоздава, го воскреснува. 

И една друга песна, исто така длабоко ме потресе: „О, зошто доцниш, Лазаре? – вели (адот); излези надвор! – вика твојот Пријател кој стои; затоа излези, та и јас да добијам олеснување од твоето тешко присуство“ (од 7-та песна на канонот). Што значи тоа „од твоето тешко присуство?“ Тоа е присуството на гласот Христов во Лазара. Едноставно смртта се плаши и се срами од тој победоносен глас и гледа што побрзо да го пушти својот заложник. И какво чудо сакаме уште? Секојдневно ли да воскреснуваат мртовци? Не е ли доволно воскресението на Лазар како доказ за општото воскресение? Но, за оние што не сакаат духовно да прогледаат, и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат (Лука 16,31). Сепак, ние знаме дека и тоа се случило: многу мртви воскреснале, само кој има духовни очи да види… Душите на нашите предци – не се ли живи? Не го чувствуваме ли некогаш нивното присуство? А душите на Светиите кои ги гледаме на иконостасот – не се ли тие сите живи? Колку пати само ни зборуваат во нашите срца! Кога ќе се доближиме со вера и молитва до нив, ни го галат срцето, чувствуваме спокојство и радост. Тоа е така затоа што нивните души се воскреснати во Бога. Но и уште нешто. Мене Бог ме удостоил да бидам сведок на многу луѓе што буквално воскреснале, што се спасиле од канџите на духовната, но и на телесната смрт. Кога посакале да се покаат, Господ го направил со нив истото чудо како со Лазара: ги воскреснал. Затоа што го слушнале гласот Негов. А доколку не сакаш, тогаш Господ не може да те спаси. Колку и да вика пред гробот, мртовецот си останува внатре… Колку е бедна таквата состојба на човекот! А, еве, за жал, гледаме како светот денес се наоѓа во токму таква состојба; тој не се срами од „тешкото присуство“ на гласот Божји, бидејќи сите сме станале гробови скаменети, гробови ладни. Замислете само колку е страшен гробот за некого што би бил внатре жив закопан! Ете токму тоа е човек кој Го заборава Христа. Со нашата нечувствителност, со нашата рамнодушност кон Бога, го претворивме светот во една масовна гробница. „Помрачени за светлината, Јудеи, зошто не верувате во Лазаревото воскресение, во Христовото начинание?“ (од 8-та песна на канонот) Овој повик на црковниот поет не се однесува само на Јудеите, туку и на нас, денешните Христијани, кои постојано се давиме во потопот на сомнежите и така потполно се умртвуваме за духовни созерцанија, стануваме слепи за Божествената светлина. Поради тоа што не веруваме во Христовото начинание, во Христовото дело; поради тоа што не сакаме да Го слушнеме гласот на Оној Кој може да нè оживее, гласот кој го создал овој прекрасен свет, гласот кој секогаш нè повикува: Излезете надвор од вашето мртвило, оставете го вашето слепило, и дојдете при Мене… и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (Матеј 11,28-30). Да се каже кроток и смирен по срце е многу возвишено нешто, тоа може да го каже единствено Бог, а од луѓето – само оние што се уподобиле на Него, што се охристовиле, станале кротки и смирени по срце. И таквите луѓе на сите нам ни се утеха, пристаниште наше во овој живот, оти тие се наши посредници и застапници пред Христа. 

Бидејќи сме веќе пред самиот праг на Страсната Седмица и ни доаѓа големиот празник Пасха, кој може многу да нè издигне и да нè приближи до Бога, да размислуваме за претстојните Божествени настани; да се молиме и да се трудиме да не останеме и понатаму ладни гробови со нечувствителни мртовци, туку да Му дозволиме на преблагиот Христос, на Неговиот оживотворувачки Божествен глас да нè разбуди, и да нè повика во овие свети денови, со Него да се сораспнеме и со Него да совоскреснеме“.