Илинденски чествувања

Огнен пророк. Огнен ревнител. Огнен проповедник. Затоа огнен е и неговиот спомен што го слави денес Црквата Христова. Споменот на чудесниот и боговдахновен пророк Илија.

Овој славен пророк, „телесен ангел“ – како што му пееме во неговиот тропар, овој девственик од Стариот Завет, живеел особено тешко време за историјата на древниот израилски народ. Во тоа време единствениот народ верен во вистинскиот Бог, започнал да отпаѓа од вистината и да се врти кон идолопоклонството, заведен од својот цар Ахав и неговата сопруга Језавела, кои со закон го вовеле чествувањето на лажниот асирски бог Ваал. Боговерната и ревносна душа на Свети Илија горела од тага поради отпадништвото на својот народ и од желба тој да се врати кон вистинската вера и богоисповедание. Неговата пламена ревност и љубов за спасението на сопствениот народ ќе остане пример во сите векови за тоа како вистински се љуби својот народ и спасението негово. Затоа, неслучајно нашите боговерни и слободољубиви предци го избрале токму неговиот ден за да го изразат својот копнеж по слободата, востанувајќи против тогашното иноверно иго. Тој нивен незаборавен подвиг ќе се нарече токму според името на великиот пророк и ќе остане запаметен како – Илинденско востание.

Како и секогаш, така и оваа година, нашата Свештена Обител со голема чест и торжество го прослави споменот на Свети Илија и на тројцата Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, кои на овој ден, пред седум години, беа вброени во Диптихот на Светиите. Традиционално, нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, со дел од братството, денес отслужи Света Евхаристија во храмот на Свети Георгиј Победоносец во живописното Лазарополе.

Потоа, во бигорскиот соборен храм на Чесниот Претеча се изврши пригодниот чин на Доксологија – молитва за покој на душите на паднатите борци на браникот од верата и татковината наша како и молитва за просветлување на државните власти и за запазување на нашата држава. Притоа, нашето братство ја испеа Химната на македонските револуционери, која е воедно и првата македонска химна – Изгреј зора на свободата, како и современата наша химна – Денес над Македонија.

На крајот од свечената Доксологија, игуменот Партениј, вдахновен од честа на овој ден, се обрати кон присутните со свое умилително слово:

„Мили мои, нека ни е честит големиот национален празник Илинден, нека ни е честити и црковниот спомен на Светиот славен Пророк Илија, како и на Светите Пречистански монаси – маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј!

Свети Илија, овој прославен старозаветен пророк, бил навестувач на идното спасение, „ангел во плот, на пророците основа, втор претеча на пришествието Христово“. Човек кој со необична ревност го чувал Божјото откровение во чистота и правда. Тој бил вистински духоносец, носител на Светиот Дух. Во епохата на Стариот Завет само пророците биле удостојувани да бидат носители на Духот Божји и да ги знаат големите тајни на верата. Во Новиот Завет, пак, после доаѓањето на Синот Божји, кога Бог ни проговори како Човек, благодатта на Светиот Дух е привилегија за сите крстени луѓе во името на Божествената Троица. Бог, преку Второто Лице на Света Троица, стана човек, за да ја возобнови, освети и обожи човечката природа. Преку чинот на светото крштение, врз секого од нас слегува благодатта на Светиот Дух во полнота, нѐ осветува и така стануваме избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени… на Оној Кој нѐ повикал од темнина во Својата чудесна светлина (1. Петр. 2,9).

Архимандрит Партениј Бигорски

Избран род, царско свештенство, свет народ. Кога пред малку ја читавме молитвата од чинот на Доксологијата, ми оставија особен впечаток зборовите коишто се однесуваат на нашиот народ: „Преку Твојата Божествена благодат, Боже, Ти нашиот народ си го чувал слободен со векови, а поробувајќи го, си го утврдил и спасил и повторно превел во слободен живот“. На што нѐ упатуваат овие зборови, ако не на тоа дека најважна и единствено суштински вистинита е духовната слобода, која ни ја дава Христос? Големиот учител на народите, Светиот Апостол Павле, советувајќи ги Христијаните, вели: Стојте во слободата, со која нè ослободи Христос и не се подавајте пак под ропски јарем! (Гал. 5,1). Единствено вистински слободен е човекот кој на слободата гледа преку духовните очи, преку Евангелието, преку ослободителот Христос. Сите луѓе сакаат и бараат слобода, но не сите доволно разбираат што е, всушност, таа. Повеќето си мислат дека доколку можат да го прават тоа што го сакаат, што им е по волја на нивните внатрешни желби и страсти, тогаш се слободни. Но, напротив – човек што прави и живее во грев не може да се нарече слободен. Господ Исус во Евангелието вели: Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот (Јован 8,34). И древниот грчки философ Платон заклучува: „Преголемата слобода не е ништо друго, освен преголемо ропство“. Кога човек ќе го злоупотреби дарот на слободата и премине во дрскост, допуштајќи си ги гревовите, тој престанува да биде слободен, станува роб на гревот. Таквиот е, пред сѐ, роб на своето испревртено „јас“, на својот болен егоизам, бидејќи мисли само на задоволување на своите ниски страсти. Тој нема возвишени идеали и следствено, не може да се жртвува за своите ближни. Доколку ги земеме примерите на светите и праведни луѓе од Светото Писмо, меѓу кои е, се разбира, и денешниот славеник, Свети Илија, ќе увидиме дека сите тие се избориле најнапред со гревовите во себе и станале Божји благовесници, патеводители и ослободители на својот народ од гревот, од идолопоклонството, од духовното ропство.

Но, не само од Светото Писмо црпиме превосходни примери за народни добротвори и ослободители. Да го земеме за пример нашиот народ во времето на отоманското владение. Иако политички неслободен, без големи права, во последните двесте години од тоа петвековно иго, историјата забележува едно негово будење, една просветителска преродба. Најнапред започнале да воскреснуваат многу манастири, да се појавуваат просветлени монаси, кои биле, воедно и први преродбеници. Отсекогаш монасите биле најубавиот плод на покајанието на еден народ. Зашто, вистинскиот монах претставува жртва сепаленица за својот народ, за своите ближни. Откако ја извојувале најголемата победа на овој свет, победата над себеси и се ослободиле од гревовниот јарем на егоизмот и острастеноста, овие монаси преродбеници станале носители на едно сенародно будење, го внеле свежиот воздух на духовната слобода, и тоа во време кога сме немале политичка независност. Тоа го правеле сите Христови светии, а не помалку и нашите предци, обичните и едноставни луѓе, кои не се впишани во диптихот на светиите, но несомнено живееле свет живот. Ги има, навистина, многу такви кои се жртвувале за богооткриената вера и за спасението и духовната слобода на своите ближни. Затоа, нивните духови ги чувствуваме до денес насекаде во земјата наша. Среде нив биле и хероите кои на бојното поле ја полагале душата своја за ближните. Нека им биде споменот вечен!

Заради подвизите и молитвите на нашите светии, на просветителите и преродбениците, на народните херои и великани на духот, кои многу добро знаеле што биле, за што се бореле и за што се жртвувале, да стоиме и ние цврсто во слободата со која нѐ ослободи Христос, за да не ја изгубиме и политичката слобода. Господ да нѐ чува во таа преслатка слобод,а Христова, да ни ја чува Татковината, да ги просветлува оние на кои им е дадена власт да нѐ водат и како што прочитавме во молитвата, да им каже „добри зборови во срцата нивни за Црквата и за целиот Негов народ“. Одговорноста на оние што имаат раководни места е голема и треба не само да ги критикуваме, туку да се молиме за нив. Од своја страна и тие треба да бидат свесни за положбата што ја имаат, бидејќи оној кој добил призив да води народ, било во Црквата или во државата, тој треба да биде, пред сѐ, слуга. Како што вели и Самиот Христос: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите! (Марко 9,35) Доколку тие што се наоѓаат на раководните места во Црквата и во државата се трудат да живеат согласно оваа Божја заповест, да се жртвуваат и да служат, тогаш ќе имаме многу помалку проблеми во целото наше општество.

Христос да нѐ пази и да нѐ чува сите!

Нека ни е вечна Татковината!“