Бдение во Рајчица во чест на св. Григориј Палама

Светилнику на Православието, тврдино на Црквата и учителу, убавино на монасите непобедлив поборнику на богословите, чудотворче Григорие, славо светогорска, и проповеднику на благодатта, моли го Бога непрестајно, да ги спаси нашите души.

Тропар на св. Григориј Палама

Овој голем светогорски старец, тајник на несоздадените Божји енергии, бранител на вистинското учење на Црквата за Светиот Дух, има свое посебно место во духовниот живот на манастирот посветен на Св. Георгиј Победоносец во Рајчица. А има и посебно место во срцата на нашите сестри. Затоа на сеноќното бдение кое се одржа во манастирот во чест на овој голем светител, тие со голема љубов и посебно умиление ги пееја похвалните стихири во негов спомен. Инаку, во манастирот со посебно торжество се празнува втората недела од Великиот Пост, посветена токму на Св. Григориј Палама, и тогаш на сеноќното бдение во негова чест, на кое притекнуваат големо мнозинство на верници, со свечена Архиерејска Литургија се одбележува и годишницата на параклисот посветен на Св. Григориј Палама, Св. Јован Кукузел и Св. Нектариј Битолски.