ЦВЕТНИЦИ

Благи, Кој седиш на херувимите, и си воспеан од серафимите, си седнал на осле како Давид и децата Ти пееја богодолично, а Јудеите хулеа против Тебе неправедно, а Твоето седење на осле, го предобразува покрстувањето на незнабошците. Слава Ти, Христе, единствен Милостив и Човекољубец.

Од стихирите на Господи Возвах, на Вечерната од Цветници

Ден за ден, недела за недела, еве, веќе помина светата Четириесетница, и откако Господ Исус Христос го воскресна Лазар од Витанија, влегува во Ерусалим во пресрет на Неговите спасителни страдања. Оној Кому небото Му е престол, а земјата подножје на нозете Негови, влегува во Ерусалим, качен на осле. Каква кротост и смирение на Небесниот Цар! Радосно и посакувано било за Ерусалим доаѓањето на Спасителот. Пред Него ерусалимските граѓани ги простирале своите облеки и фрлале палмови гранчиња и цвеќиња, славејќи Го Оној Кој доаѓа во името Господово. И ние денес, во свештениот Бигорски манастир, во молитвена атмосфера, мисловно Го дочекавме Христа како Цар, пеејќи побожни песни, напишани за тој настан од светите отци. На свечената богослужба предводена од нашиот старец, архимандрит Партениј, со прислужение на јеромонасите, о. Доситеј и о. Макариј, присуствуваа многубројни верници, кои, примајќи Го Христа во своите срца, Му оддадоа достојна почит и благодарност. Како симбол на преданост кон Царот, на присутните им беа поделени палмови (врбови) гранчиња, правејќи со тоа спомен на собитието што се случило пред две илјадалетија.

 

Со љубов да излеземе и ние во пресрет на Христа, како мноштвото ерусалимски народ; да ја излиеме, како миро врз Неговата глава, нашата вера и љубов кон Него; да ги искршиме гранките на гневот што го имаме; да ги протегнеме пред Него, како облека, нашите добри дела; да воскликнеме како дечиња со незлобливи молитви кон Него; да одиме пред Него со милостина кон сиромашните, да Го следиме со смирение за да не ги уништиме напорите на четириесетдневниот пост, со кој се подвизувавме, чистејќи се од секоја нечистотија, за да влезе Христос и во нашиот Ерусалим – душите и телата наши; Да појдеме и ние со Оној, Кој оди на доброволно страдање, земајќи го својот крст на трпение од секоја навреда; да се распнеме во борбата против гревот за да ги умртвиме телесните похоти и да извикаме: „Осана во висините, благословен си Ти Кој си дошол на доброволни страдања, со кои си го уништил адот, си го извел Адам и си ја победил смртта!“

 

Го молиме сега Небесниот Цар да се зацари цврсто во нашите души и срца, та имајќи Го Него, достојно и со голема радост да се поклониме и на светлото Негово Воскресение.