ХРИСТОВОТО РОЖДЕСТВО

Денес, кога се роди Христос, небото и земјата се соединија; Денес Бог дојде на земјата,а човекот се искачи на небото; Денес Невидливиот по природа, заради човекот станува видлив по тело. Затоа и ние славејќи да Му запееме: „ Слава на Бога во висините, а на земјата мир “, што го дарува Твоето Пришествие, Спасителу наш, Слава Ти. 

Литијска стихира на празникот

Кога Господ наш се роди од Дева Марија, Он ѝ заблеска на сета вселена радосно како пролетта. И сета твар ја обнови. Денес се раѓа Божјиот Син Единороден, блесок на Славата на Отецот, облик на Неговото Битие и вечност, на Отецот Слово, преку Кое вековите ги создаде и со Кое сѐ видливо и невидливо се јави. Денес Логосот на Отецот неизменливо стана Тело од Духот Свети и Дева Богородица и станува Посредник меѓу Бога и луѓето – Единиот Човекољубец. Се зачнува во Пречистата утроба на Дева и станувајќи послушен на Отецот, во природата што ја зеде од нас, ја исцелува нашата непослушност. Затоа раѓајќи се денес Господ и Бог наш нѐ поврати нас од студенилото на заблудата кон пролетта на радоста, го зеде на Себе нашето обличје и преку Своето Тело го обнови. Така, понесувајќи на Себе сѐ што е наше – човечко, освен гревот, со љубовта своја нѐ посини на Својот Отец и нѐ направи сонаследници на Своето Царство. Затоа ангелот голема радост им благовести на пастирите: „ Денес во градот Давидов ви се роди Спасител Кој е Христос Господ. Сета невидлива и видлива твар од радост заигра, а од Исток најчудесна ѕвезда заблеска, објавувајќи го раѓањето на Наднебесниот Цар. И ние заедно со природата Го празнуваме како што доликува, Чесното Христово Рождество и серадосно воскликнуваме заедно со пастирите и во хор заедно со ангелите и со мудреците Му се поклонуваме на Родениот наш Бог, Кој дојде во Своето како Туѓинец, за нас Своите гости да нѐ прослави.

 

Можеби навистина тугинец во светот, но во монашкото срце нашиот Господ Е вистински домаќин, Свој на Своето, со радост се вселува и го исполнува сиот свој дом со светлината на благодатта и љубовта. Токму затоа Бигорските монаси се погрижија сѐ во манастирот да дише во овој дух на Божикната посета, претворајќи го манастирскиот храм во вистинска Витлеемска пештера и така подготвувајќи го за раѓањето на Богомладенецот, но пред сѐ, приготвувајќи ги своите смирени срца, за во нив да се всели долгоочекуваниот Гостин овде да си изгради Свое живеалиште. Затоа најголем украс на светилиштето во оваа Божикна ноќ, беше токму смирената молитва, во која на монасите им се придружија големо мнозинство на верници, притекнати од сите краишта на земјава. Гостољубивите браќа и сестри им ги отворија вратите на сите кои пристигнаа во манастирот,понесени од желбата молитвено да го пречекаат доаѓањето на Спасителот во тело пристигнаа во манастирот. А свечено украсениот храм со своето Божикно руво и направената пештера, во мислите ги навраќаше присутните во она време, на оној момент кога пред повеќе од две илјади години, во една скромна пештера, налик на онаа што беше сега пред нивните очи, „ни се роди Дете мало, предвечниот Бог“.
И секако, таму каде што е усрдна молитвата, присутна е и благодатта. А со неа доаѓа и радоста. Оваа наднебесна радост, која изобилно се излеваше на бдението во чест на Рождеството Христово, се почувствува уште на навечерието на самиот празник.

 

 

Имено неколку часа пред почетокот на сеноќното бдение, браќата и сестрите заедно со присутните гости се собраа во манастирската библиотека и радосно го прославија бадник, пеејќи божикни каланди (коледарски песни).

 

Како и обично, на самиот почеток на ова сеноќно торжество, игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј, им се обрати на присутните верници, нагласувајќи ја токму таа неизмерна радост, која треба да ја имаме ние луѓето, бидејќи небесниот Бог, Кој седи на херувимите, во оваа Божикна ноќ слегува на земјата, и заради нас се раѓа од Дева. Затоа треба да Го возвеличаме и да Му принесеме славословија, подобно на ангелите, кои „ пребиваат во непрестајно славословие на Бога, а посебно кога извршува особени дела, како што било создавањето на светот. И како што пишува во книгата на Јов, сите Синови Божји Му принеле слава на Бога, ангелите ја фалеле Неговата Премудрост и сила, затоа што Бог го создал овој прекрасен свет и човекот. И сега, кога Бог ја пресоздава природата на човекот, го преобрази Адама повторно ангелите Му принесуваат слава, велејќи: „Слава на Бога во висините а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“

Зашто Сега кога во ноќта на Рождеството Христово, Бог повторно ја воспостави и обнови паднатата природа на човекот преку Христос – новиот Адам, преку Својот Син Он донесе и мир на земјата, мир на човекот со Бога, бидејќи човекот е создаден да живее во мир со својот Создател. Огревовената совест на човекот не може да општи во заедница со светоста на великиот Бог. Христос, преку исповедта и покајанието, повторно ја воспостави хармоничната заедница меѓу Создателот и неговото возљубено создание – човекот. Преку Христа, врз луѓето повторно се воспоставува и добрата волја на Отецот, која секогаш почива врз Синот.

Само во чистите срца може да има мир и да се воспостави добрата волја на Бога,затоа да ги очистиме нашите срца и да ги отвориме, оваа вечер кога го славиме роденденот на Оној, Кој е наш вистински пријател, Кој не се двоумеше ни да се понижи заради наше спасение и да стане човек.

Да се помолиме оваа ноќ за сите оние кои Го заборавиле, кои живеат во мракот на овој свет, сите оние кои живеат според страстите и похотите на стариот човек – стариот Адам кој падна во грев. Сите луѓе да Го пронајдат новиот Адам – Христос, Оној Кој сака да живее единствено во човечките срца и Кој најмногу Го љуби човековото срце, како свое најомилено живеалиште. Преку Христос – Емануил, Бог Е вечно со нас и нè спасува..

Секако, најубав момент, кој го круниса бдението, беше примањето на Светата Причест, кога целиот многуброен народ, од најмалите дечиња, па сѐ до постарите присутни верници, со голема радост се причестија со Телото и Крвта Христова, заедничарејќи со Него во оваа светла јануарска ноќ, спасителна за целото човештво. Не помалку радост предизвика и мигот кога братот Деловски Марјан положи метанија за искушеник пред чудотворната икона на Светиот Претеча и Крстител Јован, пред иконата на Пресвета Богородица Достојно е, пред кивотот со мошти, како и пред игуменот, од чии раце тој доби скуфија.

 

Пред крајот на Божествената Литургија, беше прочитана и Божикната посланица од Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото блаженство, г.г. Стефан испратена до верниот македонски народ.

Најпосле, духовно нахранети, присутните гости одново се упатија кон манастирската библиотека, каде за нив беше подготвена закуска, а за најмалите посетители имаше и божикни пакетчиња, во кои покрај слатките производи на Витаминка, нашиот долгогодишен соработник, имаше и по една играчка и примерок сликовницата Раѓањето на нашиот Христос, најновото манастирско издание од областа на детската духовна литература.

 

Нека Христос се роди во нашите срца и сите заедно со ангелите оваа ноќ радосно да воскликнеме:
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
НАВИСТИНА СЕ РОДИ!