Чествување на Рождеството на св. Јован Крстител

Не бој се, Захарија, зашто твојата молба е услишана и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован. И ќе ти биде радост и веселие; мнозина ќе се зарадуваат заради неговото раѓање

Радост неизмерна му огреа на праведникот и веселие божествено на праведното срце, како што кажа пророкот: „Праведникот ќе процути како палма, ќе се умножи како кедар ливански и ќе прима добро во чесната старост“. Процути денес Захарија како рајски крин, украсен со најпрекрасниот цвет на правдата! Се возрадува денес Елисавета, зашто нејзината преблажена неплодност, ете, чудесен плод принесува! Се роди денес Претечата и Крстителот Христов, најголемиот помеѓу родените од жена, Јован земниот ангел, човекот небесен! Колкава само радост причини кај земните неговото раѓање и какво славословие кај небесните!? Зашто тој е проповедникот на покајанието, тој е предвесникот на Словото Божјо, Крстителот Господов. Кога објави тој во пустината: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде врз Себе гревовите на светот“, неговиот кроток и смирен глас се разнесе по целата вселена. Кога он својата рака, од земја створена, ја крена над главата на предвечниот Творец, тогаш и небесните се поклонија на неговото достоинство. Се радуваат земните, славословат небесните, празнува вселената, а торжествува и Бигорската обител поради роденденот на својот највозљубен закрилник. Затоа, со кои зборови би можеле достојно да го раскажеме денешното сесветло собитие!? И што би можеле, ние грешните и слабите, да му подариме на оној кој од устата Христова беше пофален, освен да му ги принесеме нашите срца, исполнети со молитви и благодарења за сите негови безбројни доброчинства, што ни ги направи нам, недостојните?

Сеноќното бдение во чест на неговото раѓање беше токму таква можност за молитвен принос. Па и овде раката Претечева се спушти со својот благослов. Покрај многуте духовно жедни чеда коишто ревносно притекнаа да се напојат од изворите на благодатта што св. Јован ги измоли за нас од Господа, чудесната промисла ни донесе и прекрасни братољубиви и благочестиви сопатници од Р. Бугарија, кои ни се придружија во молитвите и сеноќното славословие. Всушност нашите драги гости беа братството на Черногорскиот манастир „Св. св. Козма и Дамјан“ од с. Гигинци со својот игумен, архимандрит Евгениј, како и црковно-византискиот хор „Фенер“ од Мелник, предводен од хорархот о. Владко. Токму затоа ова бдение, како израз на евангелско братољубие, по мерата на својата благодат чиниш беше заедничко прославување со небесните. Чудесните молитвени и пофални песнопенија умилно ги допреа нашите срца, поттикнувајќи нè на благодарност кон Крстителот Господов. Тоа направи оваа молитвена ноќ да помине како за миг и новиот ден го пречека почетокот на светата архијерејска Литургија, која беше вистински дар за нашите души и круна на братољубието, бидејќи беше плод на зедничко сослужение меѓу нашите свештенослужители – надлежниот архијереј митрополит Тимотеј, нашиот старец Партениј со браќата јеромонаси, и браќата свештенослужители од Бугарската црква: јеромонахот Никанор од Черногорската обител и о. Константин, свештеник од Софиската епархија.

Поздравувајќи ги нашите гости, митрополитот Томотеј им се обрати на присутните со пригодно слово со кое уште еднаш нè потсети на благодатта од крштението и колку таа благодат е од душеспасително значење за секој христијанин.

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска сме собрани во оваа света обител да го прославиме споменот на раѓањето на свети Јован Крстител. Во принцип, во светата православна Црква телесните раѓања не се прославуваат, освен на три личности и тоа: на Господа Исуса Христа, на светата Мајка Божја – Пресвета Богородица и на свети Јован Крстител. Фактот што свети Јован е вброен во прославувањето на родениот ден заедно со Господ Исус Христос и Пресвета Богородица, сам по себе ни зборува колкаво значение и важност имаат неговото раѓање и неговата дејност во спасоносната мисија на нашата света Црква. Како што знаеме, тој ќе биде испросен со молитвите на светите праведници Захариј и Елисавета и тие ќе бидат обдарени и благословени од Бога на стари години да имаат пород и да го симнат презирот и прекорот од своите сограѓани во тогашниот Израил. А свети Јован, пак, поради неговиот чист, беспрекорен и исправен живот, ќе биде избран на предвечниот Совет на Троединиот Бог да биде гласник и проповедник на Словото Божјо и будител на заспаната совест кај тогашното еврејско население.

Историјата нè учи дека пред 2000 години еврејскиот народ бил под двојно ропство. Но, особено тешко го поднесувал римскиот јарем, од кој му биле наложувани најразлични закони и прописи и различни давачки за тогашното Римско царство. На духовен, пак, план, израелскиот народ бил потиснат од најразлични суеверија и празноверија и го заборавил Мојсеевиот закон и пророците, а почитувал само чисти формалности, кои немале некое особено значение за спас на народот. Во една таква неблагопријатна состојба ќе се роди и свети Јован, а и Господ Исус Христос. Свети Јован ќе добие задача да го приготви патот на израелскиот народ за достоинствено да Го пречека и пресретне Спасителот на светот – Господ Исус Христос. Израелскиот народ имал бледа слика за доаѓањето на Спасителот на светот и таа била повеќе оптоварена и испреплетена со замисли за доаѓање на земен цар кој ќе ги ослободи од римското ропство, и нив, како избран народ, ќе ги постави на првите места за да раководат со светот и векот. Но, свети Јован ќе ја започне својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“ (Мт. 3,2). Тој се повикува на старозаветните пророци, особено на свети пророк Исаија, кој во своето пророштво многу јасно и прецизно го најавува доаѓањето на Господа Исуса Христа, претскажувајќи дека Он ќе дојде, дека ќе се роди од Дева, дека ќе биде кроток и смирен и ќе пострада и дека ќе го спаси човечкиот род од гревот и смртта. Токму овие пророштва свети Јован со поинакви зборови ќе ги појаснува на луѓето, но, истовремено, ќе ги подготвува очистени, измиени, препородени и крстени во вода од него да Го дочекаат Господа Христа како Искупител и Спасител на човечкиот род.

Свети Јован Крстител ќе биде удостоен и да крсти илјадници луѓе во реката Јордан со својата пречиста рака, подготвувајќи ги за пресретнување на Месијата на светот. Покрај другите, ќе ја има таа чест да Го крсти и Самиот Господ Исус Христос, Кој понизно и скромно, незабележително ќе пристапи и ќе побара човечко крштевање од Јован Крстител. Кога ќе го забележи оваа праведна душа доаѓањето на Спасителот, самиот ќе се возбуди и неговата рака ќе затрепери и ќе Го праша: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?“ (Мт. 3,14). А Господ спокојно и тивко му одговара: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Мт. 3,15).

Свети Јован ја започнува својата проповед со покајание и крштение, а преку тоа ја поучува новозаветната Црква дека и нашето спасение и нашиот вечен живот може да се оствари и реализира само преку светата тајна Крштение која ја основал и потврдил Самиот Господ Исус Христос, со тоа што дошол кај свети Јован да биде крстен. Свети Јован ќе исповеда една многу силна и јасна вистина: „Јас ве крштевам со вода, но по мене ќе дојде друг, Кој ќе ве крштева со Дух Свети и со оган“ (Мт. 3,11). Светата тајна крштение е една од основните принципиелни свети тајни во Црквата Христова, преку која се станува член на заедницата и без оваа света тајна не може да се прими ниедна друга тајна, ниту, пак, благодатта од Светиот Дух, Кој ја разделува на своите верни.

Но, не е доволно само да бидеме крстени и миропомазани во светата Црква и преку тоа автоматски да добиеме спасение. Црквата, односно Господ Исус Христос има дадено и други обврски и задачи на секоја христијанска душа, која што сака да Го исповеда, а преку исповедувањето да добие вечен и блажен живот. Затоа постојат и многу закони и прописи кои треба да се исполнат и да се живее според нив, па да го добиеме ветеното царство што Бог го приготвил за секоја душа која верува и го исповеда Христа, но уште повеќе, и живее според принципите на нашата света вера. Можеби некој ќе рече: Па каде имаме можности и време и сили и знаења да ги изучиме сите закони и прописи и разни канони и одлуки на една институција, како што е Црквата со 2000 годишен животен век? Точно е тоа дека никој ниту може, ниту ги знае, но ниту, пак, Црквата тоа го бара од нас. Ако се придржуваме кон еден закон којшто е вроден и даден на секое разумно човечко суштество, а тоа е моралниот закон, со други зборови, да разликуваме зло од добро, и да се придржуваме кон тој глас на нашата совест, кој вика: не прави ништо на никого што не сакаш тебе да ти прават, тогаш и без многу знаења и без теолошки наобразби ќе ги исполниме законот и прописите, па семилостивиот Бог, и ако погрешиме некаде, ќе биде милостив и справедлив и ќе ја има Својата милост и наклоност кон нас и во денот кога ќе нè наградува заради нашите дела и постапки.

Верата има многу силна улога во формирањето на образот, ликот и карактерот на луѓето. Некои велат дека човекот може да биде добар и длабоко морален, а истовремено, да нема вера. Тоа е можно да се случи. Навистина има луѓе добри, морални, а да не се верници. Тогаш се поставува прашањето зошто е тоа така? Тоа е така бидејќи Бог во нашето срце, во нашата природа го посадил тој природен морален закон и доколку ние не го повредуваме, а живееме според Божјиот закон, дури може и да се случи и да не знаеме многу за Бога. Но, неретко, односно често се случува под влијание на надворешни фактори околу нас, човекот да не е во состојба да го сочува и задржи поредокот на своето морално чувство. Но, верата е повикана во прв план и назначена за таа улога да му помага на човекот да може побезболно да го запази, сочува и утврди токму тој морален, природен закон, кој е всаден од Творецот на луѓето и светот, односно од Бога.

Има многу разни религии и вери. Ако ја земеме многубожечката религија, таму е потребно да им се принесуваат жртви на божествата за да ги одоброволиме па тие да ни помагаат во некое конкретно и корисно дело. Во христијанството односот на верникот и Бога комплетно се менува. Во православната вера тоа не е способност за да го придобиеме Бога, туку способност да се влезе во посебно општење со Него. Православната вера ни дава можност да влеземе во живо заедничарење и да се допреме до Бога, а Бог му помага на човекот да го зачува и да го запази тој морален закон и етичкото чувство.

Да се обратиме со искрена молитва кон свети Јован Крстител и Претеча, тој да содејствува пред престолот на Севишниот Господ, да измоли милост од Бога, та Семилостивиот да покаже човекољубие кон нас, да допре до нашите срца и души, да ја запали љубовта и верата во нашето битие, за да можеме достоинствено, чесно и христијански да го изодиме патот и да ја добиеме десната страна од Семилостивиот Господ Исус Христос во Царството небесно. Амин!“

Преблагодатната манастирска слава на крајот беше збогатена со уште едно прекрасно изненадување: изведба на стари чалгиски песни од Пиринска Македонија. Младите Јане и Елена Каменарови од Мелник, облечени во традиционална народна носија, пред клирот и присутните верници отсвирија повеќе чалгиски песни на неколку различни народни инструменти, надополнувајќи ја сеопшата радост во манастирот.