Илинденска молитва за Татковината во Бигорски

Во духот на љубовта кон Татковината и кон оние што од љубов за неа ги положиле своите животи, во Бигорското светилиште, после Божествената Литургија беше отслужен чинот на Доксологија, којшто веќе неколку години наназад го збогатува денешното празнично торжество. Тоа е една мала благодарност и молитва за душите на нашите славни предци, бидејќи ние, нивните недостојни потомци, не ја забораваме нивната огромна жртва и ја цениме слободата што ни ја дале на дар, а што тие толку скапо ја платиле. И токму тоа беше и пораката на прекрасното слово на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, која сите нас нѐ потсети колкаво е достоинството и вредноста на дарот на вистинската слобода што ја имаме во Христа: Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за празникот Илинден, изговорено во бигорскиот католикон по чинот на Доксологија

„Да се помолиме, особено денес, мили мои, Господ да ни ја сочува слободата што ни ја подарил, поради многубројните жртви за ова наше многу мало парче земја, и да не дозволи повторно да нè завладее некакво ропство на иноплеменици. А ропството, пак, секогаш е последица на човечката злоупотреба на слободата дарувана ни од Бога. Зашто Бог го создал човекот да биде слободен. Толку многу го испочитувал, толку многу го возљубил, што во едемската градина го украсил со Божествената особина на слободата. Му дал право да избира, да биде слободен во своето општење со Него. Човекот живеел во постојана хармонија со својот предобар Созадетел и со сè создадено. Но, сето тоа го изгубил и станал роб тогаш кога ја злоупотребил богодаруваната слобода, прекршувајќи ја Божјата заповед. Така, дознаваме од Светото Писмо, дека ропството првенствено е индивидуално нешто. Тоа настанува во секоја личност што ќе го злоупотреби дарот на слободата, и наместо слободна во Бога, ќе стане роб на гревот, страстите и ѓаволот. Не го прави ли тоа секој од нас постојано? Наместо Бога, ние претпочитаме многу суетни и пропадливи нешта, и нашето срце, од престол Божји го претвораме во разбојничка пештера. На тој начин, поединечно стануваме робови. А потоа, тоа индивидуално духовно ропството полека станува колективно, така што накрај цели народи паѓаат и во физичко ропство.

Но, ние, Христијаните, сме повикани да бидеме светлина на овој свет и одраз на Божествената слобода. Зашто ние сме тие, ослободените од гревот, ѓаволот и смртта; нас нè ослободи Спасителот Господ Исус Христос со Своите свети страдања, со победното оружје – Крстот и со Неговото славно Воскресение. Сега секој од нас може да ја живее слободата, секако само доколку ја посакува и се бори за неа, пред сè, духовно, внатре во себе, изгонувајќи ги сите страсти, и поставувајќи Го Бога и ближниот на прво место. Посветениот Христијанин својата слобода секогаш ја наоѓа во љубовта кон ближниот, зад кого знае дека се крие ликот Христов. Во неговото срце тој секогаш ги слуша Христовите зборови: ’доколку сте направиле добро на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле‘ (Сп. Матеј 25,40). Господ сака во секој човек да го гледаме Неговиот лик и да правиме добро. Тогаш ќе бидеме вистински слободни личности во Бога и ќе нема од што да се плашиме. Не оти како луѓе нема да паднеме во грев – нема човек што не греши – но, доколку човек искрено Го љуби Бога, се кае и се бори за доброто, тој никогаш нема да падне во крајно ропство.

Дај Боже сите ние да ја избереме слободата со која нè ослободи Христос за да немаме ропство и жалости во овој свет, а ни вечно наказание во идниот. Така и ние ќе дадеме свој придонес за нашата мила Татковина. Да се помолиме сега и за оние што сакаат да раководат со нашата држава, како што слушнавме пред малку во молитвата: ’верните наши началници во мир и едномислие сочувај ги и кажи им добри зборови во срцата нивни за Црквата и за целиот Твој народ‘. Зашто Црквата, која е будна чуварка на верата во Вистината, има есенцијално значење за животот на општеството. Доколку не е верата на прво место, тогаш прашање е дали ќе имаме и татковина. Затоа, да се молиме што повеќе луѓе суштински да се вратат во верата во Бога, барајќи ја вистинската слобода и да се надеваме дека до крајот на овој свет нема веќе да имаме ропство, туку ќе живееме во слобода. Амин!“