Со благослов на Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, во прекрасниот и живописен планински амбиент на Бигорскиот скит, посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, вчера заврши и вториот летен камп по вероучение. Во изминатиов период, наши драги гости беа триесетина млади на возраст од 13 до 15 години – генерација која се наоѓа во едно специфично, возбудливо и прекрасно животно доба на созревање. Токму затоа, дворот на манастирскиот скит пулсираше во ритамот на нивната младост, додека низ секојдневните предавања и разговори се отвораа теми од суштинско значење за нивните тинејџерски предизвици, помагајќи им правилно да ги насочат своите мисли и да го изградат својот духовен и емоционален развој во Христа.
Како и на претходниот камп, за безгрижните денови и богатата програма со голема пожртвуваност се погрижи нашиот посветен тим составен од теолози, професори, доктори и волонтери. Тие со огромна љубов и трпение ги водеа креативните работилници и едукативните содржини, несебично вложувајќи го своето знаење за младите да стекнат цврсти пријателства и да ја искусат убавината на заедничарењето во Христа.
Ова прекрасно неколкудневно дружење и заеднички престој го заокруживме на најубавиот можен начин. На крајот од кампот, под менторство и будно водство на актерот Кристијан Танчевски, кој несебично го сподели својот талент, младите изведоа неверојатно трогателна претстава. Со својата искреност, дисциплина, соработливост и длабока емоција, овие прекрасни млади луѓе успеаја да нѐ доведат до солзи и да ни приредат мигови кои ја допираат димензијата на вечноста. Особено трогнат од нивната изведба и креативност беше нашиот најсакан Старец, владиката Партениј, од чие што татковско срце се излеаја прекрасни поуки, кои веруваме дека ќе бидат јасен патоказ во нивниот понатамошен живот:
Мили наши деца, возљубени во Господа,
Од срце ви благодарам за ова прекрасно попладне, за оваа преубава претстава што ја изведовте пред нас, за вашиот труд, за вашата радост, за вашата искреност и за љубовта што ја покажавте. Навистина многу се радувам што сте овде, во ова свето место, што дојдовте да учествувате на овој летен камп, да се дружите, да се молите, да учите и да растете во добрина, во вера и во љубов кон нашиот благ Господ.
Особено се радувам што сте дошле токму овде, во скитот посветен на светите браќа Кирил и Методиј, за да ги следите нивните свети стапки. Тие не биле само учители на буквите, туку пред сè учители на животот во Христа. Тие ги научиле народите како да Го познаат Бога, како да Му се молат, како да живеат со срце просветлено од Евангелието. Во вашите искази и во вашата претстава неколкупати го спомнавте зборот „евангелизација“, односно големото дело што светите Кирил и Методиј го направиле меѓу многу народи. А знаете ли што значи зборот „Евангелие“? Тој значи „блага вест“. Значи, светите Браќа отишле кај луѓето и народите, за да им ја соопштат благата вест, да им ја пренесат љубовта што Господ ја донел од небесата, кога Самиот Он станал Човек, се распнал на Голгота, воскреснал и ја вознел човечката природа во небесните височини. Со тоа, Господ нè повикал и нас да бидеме луѓе на радоста, луѓе кои постојано ќе ја пренесуваат благата вест и љубовта Христова.
Тоа била целта најнапред на светите апостоли, а потоа и на сите нивни наследници низ историјата, па сè до денес. Истата таа цел ја имале и светите Кирил и Методиј во деветтиот век: луѓето да станат Христови, да им се пренесе љубовта Христова, да се просветлат нивните срца и умови, да се облагороди нивниот живот.
Јас забележав дека вечерва меѓу вас особено беше истакнато пријателството. А вистинското пријателство, драги мои, секогаш е засновано на евангелската љубов. Вашата претстава започна со тоа што се претставувавте едни на други, што ги истакнувавте добродетелите, желбите и убавите стремежи што ги носите во вашите млади срца. Тоа е многу важно. Но за сето тоа да биде навистина благословено, треба да биде засновано на Божјата љубов, на Божјото просветление, на онаа евангелска љубов од која доаѓа вистинската светлина.
Гледајќи ве како се молевте, како си покажувавте љубов и благодарност едни кон други, но и кон вашите наставници и воспитувачи, јас едвај ги задржав солзите. Срцето уште ми е растреперено. Навистина, вечерва ни го допревте срцето. Ни покажавте дека во детското срце има голема чистота, има голема сила за добро, има простор за Бога.
И затоа ве молам: бидете сведоци на таа евангелска љубов. Бидете сведоци на благородноста во Христа. Таа благородност денес му е многу потребна на човекот, бидејќи луѓето, за жал, сè повеќе се оддалечуваат од љубовта. Сè повеќе се оддалечуваат од благородноста, затоа што се оддалечуваат од Евангелието. Пред да дојдам вечерва, ми покажаа едно видео со една многу жална и сурова случка: деца удираат едно девојче, го тепаат и се исмеваат со него, а други деца стојат наоколу и снимаат со телефоните. Тоа многу ме потресе и натажи. Навистина ме исполни со голема жалост. Колку е страшно кога децата, наместо да се сакаат, да се штитат и да си помагаат, се повредуваат едни со други. Тоа покажува дека човекот многу се оддалечил од Бога.
Но вие немојте така. Вие бидете поинакви. Вие сведочете за Христа. Сведочете за Крстот, за љубовта, за милоста, за добрината. Добрите да станат уште подобри, а оние што се оддалечиле од доброто – преку вашата љубов, преку вашето добро однесување, со вашата молитва и со вашиот пример – да им помогнете и тие да станат добри. Тоа што овде го учите, пренесувајте го и на вашите другарчиња. Нека престане суровоста, нека престане исмевањето, нека престане насилството. Нека се шири љубовта Христова.
Зашто народите без Христа, пред да ја примат благата вест, биле многу сурови и диви. Евангелизацијата – тој прекрасен збор што неколкупати го повторивте во вашата претстава – ги направила луѓето благородни. Евангелието ги издигнало нивните мисли кон небесните височини. Најнапред ги поттикнало да бидат добри, да мислат на своето спасение, а потоа и да ја сакаат вистинската наука, да го сакаат знаењето, да ја сакаат мудроста, а сето тоа во Бога и во Христа.
Бидејќи човекот, драги мои, ако има само информации, а нема љубов, станува како машина. Еве, денес многу се зборува за вештачката интелигенција. Таа може многу брзо да собере информации за разни теми, може брзо да одговори на многу прашања. Но таму нема дух, нема срце, нема љубов. А човекот не е создаден само да собира информации. Човекот е создаден да љуби: најнапред да ја прима Божјата љубов и да Му возвраќа на Бога со љубов, а потоа таа љубов да ја споделува со другите луѓе.
Затоа, ви благодарам што вечерва ни покажавте нешто многу убаво. Ви благодарам што ми го допревте срцето, а верувам дека го допревте срцето и на сите што ве гледаа. Им благодарам и на сите што се потрудија да ви помогнат да ја подготвите оваа убава претстава, на вашите наставници, воспитувачи, организатори и на сите што со љубов се вложија во овој камп. Ви благодарам и вам што овие неколку дена се дружевте овде, во ова свето место, што покажавте послушание, љубов, радост и желба да научите нешто убаво и спасително.
Вечерва, пак, заедно со утрешниот ден, го славиме и еден од славните ученици на светите Кирил и Методиј – преподобниот и богоносен отец наш Наум Охридски, големиот монах и просветител меѓу Словените. Тој нека се моли за вас, за вашите семејства, за нашиот род и за сите христијани во светот, да бидеме вистински Христови ученици, вистински христијани, луѓе на љубовта, на мирот и на благородноста.
Да ми сте живи и здрави, благословени од Бога. Повторно ви благодарам за послушанието што го покажавте, за љубовта, за трудот и за радоста што ни ја подаривте. И да знаете: секогаш сте добредојдени, не само во кампот, ами во сите наши манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста. Да доаѓате, да се молиме заедно, да учиме заедно, да растеме заедно на патот кон спасението во Христа.
Господ да ве благослови, да ве просветли, да ве чува и да ве направи радост за вашите родители, за вашите наставници, за Црквата и за целиот наш народ. Амин.
Вториот од предвидените шест кампови за ова лето Господово зад себе остави неизбришливи и длабоки емотивни траги. Се надеваме дека лекциите научени овде, како и благословените спомени од прекрасниот планински скит, долго ќе ги облагородуваат нивните срца и ќе останат како скапоцен украс во нивните души.































