Недела пред Рождеството Христово

Адамовата природа, која беше создадена по Божји образ и подобие, по наговор на непријателот ѓавол се струполи во богоотпадништво и со тоа си нанесе егзистенцијална повреда, смртна рана, откако похули на добриот Бог. Првосоздадената убавина се помрачи, ликот Божји избледна, скоро и да се изгуби, човекот се најде во противприродна состојба, зловолен и без причина – непријател на Бога, на Изворот на живот, светлина и љубов; самоволно стана спротивното, изгубен во своите измешани сили, а и причина за тага на сето создание.

„И ете, Девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!“

Во оваа Недела пред Рождеството Христово, Црквата прави спомен на сите свети Праотци од Стариот Завет, од Адам па сѐ до доаѓањето Христово – до воплотувањето на Единородниот Син и Слово Божјо од чистата Дева Марија која постана Богородица. Сите Праотци живееле во надежта за Спасението, кое го изврши Емануил – Господ Исус Христос, во Кого тие, а и сите ние постигнуваме совршенство. Нивниот спомен нашата Света Обител го прослави со ноќно бдение и со Божествена Евхаристија.

Нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски, г. Партениј, пренесувајќи ни го живото искуство на значењето на Емануил (со нас е Бог), преку вдахновено евангелско слово ги настави нашите души на патеките на спасението, оградувајќи ги со стравот Божји, вистинската побожност и автентичниот христијански дух, кој треба да биде светлина:


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Крајното предназначение на човекот, мили мои, е да биде во единство со Бога. Бидејќи сотворен од преголемата љубов Божја, неговата единствена цел е да биде во заедница со Творецот. Така и беше во почетокот. Читаме од првите страници на Светото Писмо дека првосоздадените Адам и Ева беа во непрестајно општење со Бога.

Но човековиот пад во грев, во непослушание, го наплати својот долг, така што, за жал, како последица од тоа, човекот по свој избор остана без Божјата благодат. А без Бога во него, човечкиот живот е едно потполно промашување. Од господар на созданието, човекот се претвора во роб на сопствените, бездушни страсти. Насочувајќи ги душевните сили кон гревот, тој самиот станува едно бедно дезориентирано битие и како такво го претвора овој, од Бога нему подарен свет, во долина на плачот.

Своеволно лишен од Божјата справедливост, човекот станува осуденик од сопствениот суд. Затоа кога Господ Христос ги поучува учениците во Евангелието да не судат никого и знаејќи истовремено колку стврднале и се скамениле човечките срца, Он ги заплашува не со Својот, туку токму со човечкиот суд. Он ни се обраќа на сите нас: Со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери (Матеј 7,2). И еве го одговорот на прашањето што многупати на сите нам ни се наметнува: зошто овој свет е толку зол и расипан? Од каде сите тие катаклизми, и физички и духовни, сите тие елементарни непогоди и морални катастрофи? Живееме во време кога целата природа се бунтува против човекот, како реакција на прекумерната и неправедна експлоатација. Страшни неволи и притесненија секојдневно ни се случуваат, и на личен и на општ план. Зошто? Затоа што сме предадени на сопствениот суд. Не ги прифаќаме Божјите милост и љубов и нè стасува човечкиот суд и казна.

Ги врвиме деновите од последната седмица  пред празникот на воплотувањето на Синот Божји. Словото стана плот и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина… и од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат (Јован 1:14,16) – говори за овој спасителен настан Боговидецот и Богословот Јован. Меѓутоа, кога човек не ќе сака да пребива со Бога, тогаш на Бог не му останува ништо друго, освен да ја повлече Својата благодат и да го остави Своето создание – по негово лично барање и избор – на неговиот сопствен суд. А сите знаеме каков е човечкиот суд: немилосрдност, суровост, бесчувствителност, жестокост.

Денеска, во ова недела пред големиот празник на Рождеството Христово, се радуваме со споменот на праотците и богоотците. Црквата за овој ден го предвидела токму евангелското четиво што пред малку го слушнавме. Како што можеме да забележиме, тоа е поделено на два дела. Првиот се однесува на родословот на Христос, односно на генеалошкото стебло на предците по плот на нашиот Спасител. Чувме многу имиња, од Адама, па сè до Светиот праведен Јосиф и Пресветата Дева Марија. Вториот дел, пак, ни објаснува како се случило Раѓањето на Месијата на светот. Евангелистот Матеј го поврзува своето раскажување со едно древно пророштво изречено од Светиот пророк Исаија, односно го приложува како одговор и исполнување на тоа пророштво: И ете, Девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог! (Матеј 1,23)

Ова пророштво и неговото исполнение уште еднаш го потврдува она што го кажавме на почетокот: човекот е создаден да биде со Бога. И не Бог го остави човека, туку човекот Бога. Но и покрај тоа, Бог Самиот дојде тука, во долината на плачот, за да претрпи понижување, плукање, биење, распетие, крст и накрај – да воскресне за наше спасение. Он, совршен Бог, постана и човек. Токму затоа Апостолот Матеј го започнува своето Евангелие со родословот, сакајќи да ни покаже дека Исус Христос не е некоја митолошка личност, не е една романтична приказна, туку реален Човек, Кој има Свои предци како секој роден човек. Синот и Словото Божјо дојде на Земјата и се облече во човечка плот, за да биде со нас како еден од нас. Затоа Неговото име е Емануил, со нас е Бог. И нема ништо поубаво од тоа Бог да биде со човека и човекот да биде со Бога.

Кога веќе се уверивме дека со нас е Бог, се поставува прашањето дали и колку ние сме со Него. Добро е сега пред Божик да се запрашаме: Со Него ли сме вистински? А не ќе бидеме никогаш со Него доколку не го отвориме своето срце во покајание и не Го повикаме да дојде во него. И верувајте, доколку го направиме тоа, Он несомнено ќе дојде и ќе се всели во нас. Он сака да биде со нас, затоа и дојде тука. Сака да пребива во срце скрушено и смирено. Во срце кое е сочувствително кон братот свој. Подготвено ли е нашето срце да го сослуша братот, ближниот кој има искушенија, кој има потреба од нашата помош, од нашето внимание, од нашето сострадание? Ако е подготвено, тогаш со нас е Бог. Ако, пак, ја затвориме вратата од своето срце за сочувство кон нашиот ближен, тогаш не сме со Бога. Подготвени ли сме да сочувствуваме со сите? Се молиме ли да нема никој осамен во овој свет? И не само дали се молиме, туку и дали им помагаме со нешто на тие што имаат потреба? Ако го правиме тоа, тогаш со нас е Бог.

Подготвени ли сме да престанеме да осудуваме? Мили мои, сигурно и вие сте ја забележале оваа загрижувачка и од богоомразена појава присутна меѓу Христијаните, вклучително и во нашата света Црква. Осудувањето. Доволно е да се фрли еден поглед на социјалните мрежи, за човек да забележи колку не е со нас Бог, или поточно колку ние не сме со Него. Насекаде злословие, клевети, осуди, лицемерие. Обични и неупатени лаици, веројатно поттикнати, за жал, и од некои припадници на клирот на Црквата, се дрзнуваат да осудуваат епископи, свештеници, монашки заедници; плукаат со вулгарности, истураат лаги и осуди, па дури и во најсвети денови. Се наоѓаме во очистителните денови на постот, но ним тоа воопшто не им значи, па пишуваат ли пишуваат секакви празнословија и злословија. И затоа светот е ваков каков што е. Христијаните ја изгубиле солта, им оладила љубовта. А ако Христијаните кои треба да бидат светлина на светот, се темнина, тогаш каква ли ќе е темнината? (Сп. Матеј 6,23) Какви да бидат оние што се надвор од Црквата, ако ние сме вакви?! Ако ние кои сме повикани да бидеме со Христос, со светлината, сме во мрак, тогаш каков ли ќе е светот без Христос?!

Мили мои, Господ Исус дојде во светот како Сонце на правдата. Како светлина најсветла. Следствено, ние, Неговите следбеници, не треба да бидеме ништо друго освен духовна светлина, љубов, сочувство. Само така ќе се овистини она Со нас е Бог, со што ќе се оствари и целта на нашиот живот и на Неговото доаѓање. Да ни даде Господ сили, душевни и духовни, та да станеме  такви деца Божји, деца на Неговата љубов, соединети со Него. Да ни даде Господ овој Божик да го дочекаме како вистински Христијани, да станеме Негови автентични сведоци и тогаш Он ќе биде наш Емануил, ќе биде со нас, сега и секогаш и во век и веков. Амин!