Почеток на Богородичниот пост

Блажен е родот христијански што за своја најмоќна Застапничка пред Бога ја има Пресветата Богомајка! Но и повеќе од Застапничка – Ја има Неа и како своја Мајка! Зашто Пречистата Дева е Мајка во двојна смисла: Таа е Мајка Божја и Мајка на Христијаните. Мајка Божја е бидејќи од Својата нетлена утроба Го роди Христа Спасителот, давајќи Му плот на втората Ипостас од Триединиот Бог; а е Мајка на Христијаните според посиновение: кога ние, по благодатта на посинувањето од страна на Бога, сме наречени браќа на Исуса Христа (Евр. 2, 11), Родениот од Дева Марија, тогаш, следствено, и ние сме синови на Пресвета Богородица. Како Мајка Божја, според мајчинското достоинство, Таа има неизмерна благодат во Својот Син, а од друга страна, како Мајка на Христијаните, во силата на Својата мајчинска љубов, Таа им покажува на Своите чеда бескрајна милост. Затоа, должни сме и ние барем малку да Ѝ возвратиме за Нејзината мајчинска грижа за нас. А најдостојно би можеле да Ѝ се заблагодариме со молитва, пост и доби дела. Токму затоа Светата Црква ни ги дава овие благодатни денови на чесниот Богородичен пост, денови во кои особено треба да Ѝ се молиме и да Ѝ благодариме на нашата Небесна Мајка. Зашто овој свет пост е една телесна и духовна подготовка за Успението на Пресвета Богородица, за таа Богородична Пасха. Тоа е празник на Нејзиното последно заспивање и на Нејзиното воскресение од мртвите. Црквата уште на самиот почеток на постот нè подготвува за тоа велико таинство со Изнесувањето на чесното дрво на Животворниот Крст. Оти Успението Богородично е откривање на победата на Крстот Христов, неделива од Неговото Воскресение. А каде што е Крстот Христов и Неговото Воскресение, таму е убавината на сите добродетели, таму е процутот на душите и телата човечки. Радост на душата, но не радост од овој свет, туку каква што Бог дава; и чистота на телото, сопричесно на Телото Христово и на Божјата Мајка, знаејќи дека тоа е храм на Светиот Дух (1 Кор. 6, 19).

И ете, на самиот праг од Успенскиот пост, бигорските браќа и присутните верници, преку светата богослужба, преку подарената им благодат на Божествената Литургија отслужена од страна на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, започнаа да наѕираат во тајната на Богородичната Пасха, и во тајната на животот и смртта на секој човек што Го љуби Христа и се труди да ги исполнува Неговите заповеди. Светлината, пак, за тоа мисловно загледување им заблеска од краците на Крстот Христов, кого Старецот, според прекрасната богослужбена традиција за овој ден, уште пред почетокот на Литургијата го изнесе на поклонение среде храмот. И како што во една најмала капка вода се одразува целото сонце, така и капките света вода што ги оросија нивните лица после денешниот водосвет во манастирската фијала, ги озарија нивните души со таа Божествена успокојувачка светлина.

Навистина, според зборовите на нашиот најмил Старец, „влеговме во денови кога, иако сме многу грешни, ни се дава благодатна можност да стоиме сосема блиску до Божјата Мајка, да најдеме спокој за нашите души под Нејзиниот мајчински покров, и да се удостоиме преку смирена молитва, воздржание во чистота и дела на милосрдие, да станеме сопричесници на Царството во кое влегла Таа на денот на Своето блажено Успение“. Амин!

Нека ни биде благословен почетокот на светиот Богородичен пост и по молитвите на славната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, да се удостоиме сите, во радост и чистота, да се поклониме на нејзиното сечесно Успение!