Трета акатистна пофалба на Пречистата во Манастирот Пречиста

Сите песни, восфаленија и величанија што Црквата Божја ѝ ги пее на Пречистата наша Владичица Богородица се од убави поубави, од красни покрасни, но венец на сите нив се химните од чудесното стихотворение наречено Акатист. Затоа Божествените отци одредиле оваа поетска творба да ги храни и возвишува срцата на верните во секој петок од чесниот и Велик Пост. Па така, вечерва во православните храмови насекаде по светот одекнуваа тие свештени стихови во чест на нашата секогаш победоносна Војвотка, Царицата на Ангелите.

Во нашата богочувана епархија, пак, со посебно благолепие беше отслужен третиот Акатист во Манастирот на Пречистата над Кичево, каде што присуствуваше нашиот ценет Митрополит Плаошки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој негува голема почит кон пречистанската Светиња на Мајката Божја. Тој допатува со секретарот на Епархијата, почитуваниот протојереј-ставрофор Никола Христоски, кој го служеше Повечерието. По прекрасниот молебен канон, кој изобилува со небесна поезија, Владиката со молитвен глас и трепетен возглас ги произнесе раскошните кондаци и икоси од третата статија на Акатистот.

По завршетокот на акатистната пофалба, Неговото Високопреосвештенство ги надгради притекнатите верници со пастирско слово, вдахновено од животот и послушанието на Пресветата Богородица:


„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Пресветата Дева Марија, живеејќи на земјата, била украсена со многу христијански добродетели, преку кои добила милост од Бога, а за кои и денеска се прославува од сите родови на човештвото. Помеѓу многуте прекрасни добродетели, таа засветлила како сонце на добродетелта и на покорноста на волјата Божја, според нејзините зборови: Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според Твоите зборови (Лука 1,38). Токму така одговорила Пресвета Дева Марија на Архангелот Гаврил, кој ѝ благовестил за нејзиното бессемено зачнување и раѓањето на Богочовекот Христос, а преку наитието од Светиот Дух. Во тој одговор на Пресветата Дева се гледа како сецело и безусловно се предава на волјата Божја, а овој пример на Богородица може да биде пример и за нас, како пример на безусловно подражавање. И ние, слично на неа, треба да се предаваме на волјата Божја во сите дејствија во нашиот живот.

Бог како Премудар, Кој сѐ гледа и сѐ знае, ги гледа и сите наши размислувања, кои побудуваат кај нас безусловно предавање и нѐ насочува кон доброто. А ние, како краткогледи и неразбрани во нашите согледувања, не само што не можеме да ја согледаме иднината, туку не можеме да проникнеме ниту во денешнината, која е блиска до нас, па често и јавно правиме планови што ќе послужат за нашата погубност. Бог е семоќен и за Него нема ништо што е неможно. За нас постојат многу несуштествени нешта, а тоа е како последица на нашата ограничена природа. Бог е добар и за сите сака добро и спасение, а ние луѓето, зли и склони кон разврат, често си причинуваме душевни штети и посакуваме нешто што е спротивно на волјата Божја. Затоа ние и не се предаваме целосно на волјата Божја. Спротивно од ова, ние треба да се препуштиме на Божјата волја и промисла, и да го оставиме на нив разрешувањето на не треба да постануваме малодушни. Премудроста Божја знае кога и на каков пат да го води секој човек кон определената цел за него.

Пресветата Дева Марија Богородица секогаш е наш показател дека треба да бидеме спокојни на својот животен пат, да помниме дека Господ е милостив, особено кон оние кои се потчинети на Неговата беспрекорна промисла. Пресветата Дева Марија со својата покорност е прославена и возвеличена повеќе од ангелите и архангелите, и не само што човечкиот род ѝ служи и ѝ се поклонува, туку и ангелските чинови побожно ја слават. Токму затоа и ние денеска ја прославивме со прекрасните акатистни песни.

Наша должност е да ја прославуваме и љубиме Божјата Мајка, а таа, како семилостива, одговара на нашите прозби со љубов и нѐ заштитува и покрива од секакво зло. Да ѝ се молиме секогаш, и наутро и навечер, и да повикуваме кон Неа: Радувај се радост наша, покри нѐ и заштити нѐ од секакво зло со твојот чесен омофор. Амин!“