Богојавленски светлоизлевања (Видео)

Откако се покри со Јорданските води, Ти Којшто преславно се облекуваш во светлина, во нив си ја обновил Адамовата природа, која се уништи со прекршувањето на заповедта. Затоа, Слово Божјо, Те фалиме и Твоето свето јавување сите го прославуваме.

(Седален на празникот)

Ете едно ново потопување, една нова сесветска поплава. Се потопува во Јорданските води предвечното Слово Божјо, и сиот свет со Својата Божествена љубов го потопува. Крстителот Јован ја крштева главата неракотворна и безгрешна и сето создание се просветлува. „Денес вселената се весели, небесните заедно со земните, ангелите се мешаат со луѓето, бидејќи таму каде што доаѓа Царот, со него е придружбата“. Да потрчаме и ние мисловно кон Јордан и да се поклониме пред отвореното небо, гледајќи Го „Духот Божји како слегува како гулаб и се спушта над Христа“ и слушајќи го глас од небесата кој говори: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!” (Матеј 3,16-17). Тука е и светлиот Светилник, роден од неплодната Елисавета, Претечата на Сонцето, Кое се роди од Дева; да повикаме и ние со него: „Ти мене освети ме, Владико, со Твоето Божествено јавување“.

Богојавление. Јавувањето на Триединиот Бог пред луѓето. Крштението на Спасителот наш Господ Исус Христос ја открива тајната на Света Троица. Она што во Старецот Завет беше возвестувано магловито, во симболи и во праслики, сега јасно и блескаво му се покажува на човечкиот род. Затоа и честа на овој ден е голема, оттука и благодатта е неискажлива.

Бигорската Свештена Обител, тоа вековно светилиште на великиот Јован Крстител, свештеноизвршителот на тајната на Крштението, беше осенета од оваа просвештенска благодат уште на традиционалното реканско бдение спроти Водопост, во навечерието на Светото Богојавление. Според древниот обичај, на ова мијачко молитвено собрание, присуствуваа и кумовите на крстот од околните на Манастирот села. Оваа година крстовите ги донесоа кумовите од Ростуше, Битуше, Велебрдо и Јанче, а нашите браќа јеромонаси им ги врзаа со босилекот, врзувајќи ја симболично нивната вера и надеж за крстот Господов. Според богослужбениот типик, сеноќното моление и славословие на Бога беше крунисано со големиот Богојавленски водосвет во манастирската фијала.

Празненественото богојавленско торжество заблеска со сета своја убавина на денешната Божествена Евхаристија, отслужена од нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони, во храмот на Пресвета Богородица во с. Ростуше. Радост на душата беше да се види овој прекрасен селски храм преисполнет со богољубиви души од сите краишта на нашата земја.

По завршетокот на Светата Литургија, сите тие, во молитвена и величествена литија, се упатија кон убавата Радика, каде Старецот го изврши чинот на Големиот водосвет и го положи крстот во благословените и осветени води. Над стотина млади луѓе поитаа кон крстот во студените води, а најблагословен меѓу нив повторно се покажа 26-годишниот Душан Чимев од Виница, кој пред две години, исто така го беше фатил крстот во Радика. За него, како и секоја година досега, пригоден подарок подготвија општината Маврово-Ростуше и компанијата „Ха-Ем“.

Оној Кој се облекува со светлина како со облека, заради нас прифати да биде како нас, денес се облекува со јорданските води, Самиот Он немајќи потреба од очистување, туку нам преку Себе да ни устрои обновување. О чудо! Без оган согорува и без да крши наѕидува, и ги спасува во Него просветлените, Христос Бог и Спасителот на душите наши.