Престојот во Бигорски и Рајчица виден низ очите на децата

Бигорскиот манастир и Рајчица повторно украсени со детски џагор и насмеани детски очи. Веќе заврши вториот летен камп по Веронаука во којшто браќата и сестрите од нашите два манастири, на обострано задоволство, им укажаа гостопримство на децата од Струмица и нивните придружници, а наши долгогодишни манастирски пријатели, сопружниците Александар и Славица Дојчинови. Овие денови поминаа во најпрекрасна дружба на малите манастирски гости, со оние коишто по дух им се многу слични и секојдневно се трудат да им се уподобат во незлобливоста и чистотата. Низ таа игра и дружба монасите и монахињите им ја предаваа највозвишената наука за Бога, знаењето за љубовта, верата, надежта, радоста. И беа преисполнети со благодат, благодарејќи Му на Бога што имаа можност некому да ја пренесат својата огромна љубов кон Бога.

А еве како тоа го доживеаја оние кои овие неколку дена го делеа со манастирските жители секој миг на радост, труд, славење на Бога, пожртвуваност и благодарења (ова се впечатоците на еден дел од нив):

Виолета Котеска, 14 год: „Сакам да му се заблагодарам со цело срце на о. Партениј што ми овозможи и јас да бидам дел од овој летен рај. Со овој камп се приближив до Бога и ја почувствував Неговата прегратка. Со помош на вас, отец, дознав каква е силата и љубовта на Св. Георгиј. Сите сестри ги засакав како мои, сите многу ќе ми недостасувате. Секоја сестра има способност за нешто, сите сте Господов дар за овој дом. Ќе ми недостасувате, но нема да ве заборавам“.

Ребека Малинова, 12 год: „Порака до о. Партениј, јас ве сакам, и ве поддржувам, и се молам за вас. Вие сте многу голем и по добрината и по верата. Вие сте изградиле два прекрасни манастири и ви се заблагодарувам за тоа. Мене тука ми е многу убаво, да имате среќа и вие, и монасите, а манастирите да станат уште поубави. Инаку јас сакам и другата година да дојдам. Ве сакам о. Партениј“.

Петар Иванов, 9 год: „I’m from the USA and would like to say that, even if I don’t know a lot of Macedonian, I still have a lot of fun. This church is the best of all of them. I know that I will come here next year“.

Ненад Волчески, 9 год: „Имав слушнато многу убави работи за овој манастир, но не мислев дека е толку убаво. Од сестрите научивме многу за верата, за љубовта и пожртвуваноста. Кога ги прашав од каде го научиле тие, ми рекоа од о. Партениј. Ви благодарам отец што секогаш се молите за нас, неизмерно ве сакам“.

Розета Манчева, 14 год: „Како прво ви благодарам за прекрасно поминатите денови, за љубовта што ни ја пруживте на сите. Отец Партениј вие сте исклучително предобра и храбра личност, што и во време на војна сте успеале да изградите два манастири“.

Лука Букушовски, 11 год: „Благодарност до игуменот на Бигорскиот манастир, поради тоа што нѐ примивте во овој прекрасен манастир, и за гостопримливоста на сите монаси. Овде секој ден беше посебен и со различни задачи“.

Кире Петров, 10 год: „Мене овде најмногу ми се допаѓа Литургијата. Таа ме привлекува многу близу до Бога и ме смирува и опуштува. Отците нѐ учат да пееме, да знаеме за љубовта, секој ден учевме по нешто ново и им помагавме на отците. Но најважно беше тоа што бевме близу до Бога и на сигурно од лукавиот“.

Ивана Тасева, 15 год: „Многу се радувам што дојдов на ова прекрасно место и што ги запознав прекрасните сестрички, полни со љубов и радост. Си поминав прекрасно и научив многу нешта за нашата вера и за Христос. Му благодарам и на о. Партениј што нѐ прими овде и на сестричките кои ни ја подарија целата своја љубов. Ќе се молам за вас многу. Се надевам дека повторно ќе ве посетам. Ве сакам сите“.