Архипастирски благослов за новото Пречистанско сестринство

 

По враќањето од својата официјална посета на епархијата во Австралија, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј ја посети Обителта на Пресвета Богородица Пречиста каде имаше можност од страна на старешинката Харитина Јакимовска и останатото сестринство да биде запознаен со сите тековни активности за возобнова на духовниот живот во Обителта. Митрополитот беше пријатно изненаден од позитивните промени во Манастирот, кои сестринството успеа да ги постигне за многу кратко време и во особено тешки временски услови, со оглед на тоа што Манастирот се наоѓа на голема надморска височина со тешко пристапен пат до него. Не помала беше и воодушевеноста од будењето на молитвениот дух што силно се чувствува, особено со зајакнувањето на богослужбениот живот. Митрополитот Тимотеј го изрази своето задоволство и го даде својот архиерејски благослов за благоуспевање на новото сестринство.